| четврток, 6 декември 2018 |

„Мама миа!“ на МНТ ќе биде емотивна, весела и дискаџиска претстава!

Актерите во мјузиклот ги пеат на македонски песните на шведската група од 1970-1980-тите, освен евровизиската „Ватерло“ која е во оригинал и за крај на претставата. Поплавска, која пред две години во МНТ го постави и бродвејскиот мјузикл „Чикаго“, и овојпат соработува со кореографката Олга Панго и со диригентката Бисера Чадловска

Емотивна, весела, дискаџиска претстава која ќе ве расположи и од која ќе си заминете со многу ендрофин. Вака денеска на прес-конференција го најавија мјузиклот „Мама миа“ чија премиера е закажана за 24 декември, недела во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот. Режисерка на претставата е Наташа Поплавска.

„Мама миа!“ ќе трае 180 минути и по премиерата на 24-ти, ќе има уште три изведби во оваа година (26-ти, 28-ми и 29 декември), а за јануари 2018 се закажани за 12-ти,13-ти и 23-ти. Веќе се распродадени премиерата и првата реприза.

Подготовкитте за претставата траеле една година, а актерите, танчерите и музичарите мјузиклот го подготвувале два месеци. „Мама миа!“  е копродукција помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“ која ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во земјите од регионот. Приказната е позната и прикажана на филм – тинејџерка во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на АББА (музика на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус) по текст на Кетрин Џонсон.

Актерите во мјузиклот ги пеат на македонски песните на шведската група од 1970-1980-тите, освен евровизиската „Ватерло“ која е во оригинал и за крај на претставата. Поплавска, која пред две години во МНТ го постави и бродвејскиот мјузикл „Чикаго“, и овојпат соработува со кореографката Олга Панго и со диригентката Бисера Чадловска.

– Со „Чикаго“ ја отворивме историјата на мјузиклите во Македонија, сега продолжуваме со „Мама миа“. Ова за мене е подарок од Бродвеј. Не можам да опишам колку бев среќна кога продуцентот од Словенија ми се јави половина час пред премиера во Прилеп, да ми понуди да ја работам „Мама миа“. Многу сум горда со целата екипа. Имам и нови соработници, на страна на моите псотојани Олга Панго и Емил Петров. Текстот е одлично направен – рече Поплавска на денешната прес-конфренција.

„Мама миа!“ е гигантски проект, кој има 30-ина луѓе на сцена, но под сцената, зад сцена, зад гледалиштето и во гардеробите има уште вкупно стотина кои публиката нема да ги види.

– Среќна сум што ние имаме театар што знае да се справува со ваков гигант – рече Поплавска.

За мјузиклот беа организирани три аудиции на кои се пријавиле 178 актери и танчери. Во оваа бројка не се сметаат актерите на МНТ.

Преводот и препевот за „Мама миа“ ги направи актерката од МНТ, Тина Трпкова. Главните улоги ги толкуваат: Нина Деан, Јана Стојановска, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Кире Ѓоревски, Висар Вишка, Трајче Ѓоргиев, Владимир Јачев, Никола Наковски, Петар Стојанов, Арна Шијак, Тања Кочовска, Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев.

Актерите присутни на пресот рекоа дека мјузиклот е тежок процес кој бара истовремено играње, пеење и глумење, усогласеност со оркестарот. Придружни вокали се корепетиторките од ФМУ Сара Николовска и Ана Костадиновска, кои ги подучувале во пеењето, а за танцувањето – Олга Панго и асистентката Ирена Лозинска.

– Оваа улога е мој сон. Улогата во „Мама миа!“ ми дозволува максимално да ги истражам своите можности. Не беше воопшто лесно, бидејќи во исто време се игра, пее и глуми, се зема воздух, се мисли на движењата на телото, се внимава да не се згреши кореографијата и тоналитетот и сето тоа да се донесе во некое совршенство на сцената. Тоа беше огромен предизвик – рече Нина Деан.

Нејзината алтернација Јана Стојановска додаде дека овој мјузикл е симбиоза на повеќе уметности вклопени во едно.

Според актерот Владимир Јачев, кој игра еден потенцијалните татковци (Хари), имале убав процес на подготовка, на моменти, рече, турбулентен.

– Во моментите кога ќе паднеше енергијата, музиката на АББА ја креваше атмосферата, рече Јачев. Двајцата други „татковци“ во претставата ги играат Трајче Ѓорѓиев (Бил) и Кире Ѓоревски/Висар Вишка (Сем).

– „Мама миа!“ е вистинско шоу од прв до последен чин. Ќе бидете изненадени што се правиме на сцена, рече Билјана Драгичевиќ-Пројковска која ја игра мајката Дона.

Таа заедно со Тања Кочовска, која го толкува ликот на Рози – нејзината пријателка од приказната, отпеаја преведен рефрен од „Денсинг Квин“.

В.д. директорот на МНТ Драган Спасов изјави дека размислуваат за македонски мјузикл со песни од македонски композитори, за кој треба да се напише љубовна приказна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top