Утре, на седми март во Драмски театар во Скопје е закажана премиерата на претставата „Венецијанскиот трговец“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Наташа Поплавска.
Ова е втора изведба на делото на Шекспир во Македонија. Првпат била изведена пред точно 46 години на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) во 1970 година. Режијата била на Хуго Клајн, а улогата на Шајлок ја толкувал бардот на македонското глумиште Петре Прличко.
Денес главната улога му е доделена на Јовица Михајловски. Во другите улоги настапуваат: Јана Стојановска, Диме Илиев, Јовица Михајловски, Анастас Тановски, Златко Митрески, Зоран Иваноски, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ, Григор Јовановски, Јаков Спасов и Марко Илиќ. Драматизацијата е на Дарко Спасов. Гостинката од Србија Маја Митиќ е директор на сценски движења, костимите се на Александар Ношпал, музиката е на Јана Стојановска, Лука Ѓоргиевски и на Андреј Блажевски, а кореограф е Ирена Лозинска.
Режисерката Поплавска првпат во својата долгогодишна кариера режира претстава во Драмски театар.
– Многу сум возбудена што првпат работам во Драмски и токму дело на Шекспир. „Венецијанскиот трговец“ е комплицирано дело во драматрушка смисла. Јас ја поставив како што ми прилега, има раскажувач, има музика, се танцува, како што се, впрочем, и моите претстави – изјави Поплавска на денешната прес-конференција.
Актерите за претставата се избрани по пат на отворен кастинг на кој се пријавиле 78 глумци на возраст од 22 до 40 години.
– Концептот за претставата го направив откако ги одбрав актерите. Екипата ја сочинуваат тројца бардови на Драмски, Јовица Михајловски, Диме Илиев и Анастас Тановски. Во претставата гостува Зоран Иваноски од Прилепскиот театар, а има и штотуку дипломирани актери но и студенти на драмска игра – објаснува Поплавска.
Процесот на подготовка на претставата траел невообичаено долго, четири месеци.
– Инспирирана од љубовта што ја видов во очите на идните млади актери и актерки кон тоа што допрва треба да биде нивниот поход во освојување на театарските сцени, решив да понудам едукативно-креативен процес преку кој сите заедно ќе тргнеме од Шекспир и Елизабетанскиот театар во кои сите големи улоги ги играле мажи. За женските улоги биле избрани млади момчиња на кои гласовите сè уште им биле нежни, а машките улоги ги толкувале повозрасните актери – вели Поплавска, на која „Венецијанскиот трговец“ ѝ е втора претстава од Шекспир што ја режира, по „Ромео и Јулија“.
„Венецијанскиот трогвец“ е еден од најмалку изведуваните драмски текстови на Шекспир, дело со кое уште еднаш се потврдува дека тој е актуелен и по 400 години. Во оваа траги-комедија Шекспир успева да создаде целина од најмалку три приказни.
Според Михајловски, Шајлок е огромен борец за против неправда, нееднакквост и толеранција.
– Речениците на Шајлок се зборови на Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мандела. Тоа ја дава актуелноста на претставата – вели Михајловски.
Диме Илиев, кој ја толкува улогата на Првата дама смета дека екипата направила добра претстава.
– Претставата ја работевме долго. Но, последниве неколку дена како да добивме крилја, како нешто да се смени. Многу е убаво да се работи со ваква млада, прекрасна екипа – рече Илиев.
Директорот Роберт Вељановски му се заблагодари на Македонскиот народен театар и на директорот Дејан Пројкоски, кои им ја отстапиле малата сцена одреден период додека ја подготвувале претставата.
По „Франкенштајн“ „Венецијанскиот трговец“ е втора премиера во Драмски во 2017 година.
Ова најново режисерско остварување на Поплавска доби и своја веб-страница. Сите заинтересирани може дополнително да се информираат на venecijanskiot.wixsite.com/dramski
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.