| четврток, 6 декември 2018 |

Амбасадорот Ивон на проштална средба кај министерот Попоски

kristofer-ivon

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими на проштална средба амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Кристофер Ивон.

 

На средбата, соопшти МНР, Попоски искажал високо уважување за соработката со Амбасадата на Обединетото Кралство и придонесот на амбасадорот Ивон во продлабочувањето на македонско-британските односи за време на неговиот дипломатски мандат во Македонија. Притоа, изразил подготвеност отворениот и конструктивен дијалог да продолжи да се негува и по доаѓањето на новиот Амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија.

 

Попоски и Ивон се согласиле дека политичките односи меѓу двете земји бележат постојан нагорен тренд. Констатирале, стои во сопштението, дека активниот политички дијалог дава многу добра основа за уште подинамичен развој на билатералните односи во иднина и поблиска соработка во сите области од заемен интерес.

 

Зголемувањето на обемот на инвестициите и зајакнувањето на севкупната економска и трговска соработка, се подвлекува во соопштението од МНР, и натаму ќе бидат во фокусот на заемните заложби и ангажман за натамошно унапредување на македонско британското партнерство, а остварувањето на европската и евро-атлантската интеграција останува врвна цел на Македонија.

 

Британската политичка поддршка и конкретна помош со мноштво проекти, програми и иницијативи за спроведување на европското право и стандарди во македонското општество, се вели во соопштението, придонесуваат за континуираното високо ниво на подготвеност на институциите и администрацијата за процесот на пристапни преговори со ЕУ и целосната исполнетост на критериумите за членство во НАТО.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top