
Еден од нашите најпоставувани драмски автори Дејан Дуковски вечерва ќе го доживее своето американско деби со изведбата на претставата „Изгубени Германци“ во продукција на театарската група „Вајт листед“ од Њујорк. Претставата е наголемо најавувана на социјалната мрежа „Фејсбук“, каде што Дуковски е претставен како балканскиот Чехов. Претставата ќе се игра во театарот „Продусерс клаб“ на Менхетн.
Kомпанијата „Вајт листед“ е со мултиетнички состав на професионални уметници. Нивна основна мисија е да откриваат и да поставуваат источноевропски текстови во Њујорк. Функционираат веќе трета сезона. Последните две години поставиле претстави од некои од најдобрите драматичари од Балканот.
Идејата за претставата е на бугарскиот актер со македонско потекло Теодор Петелов. Претставата е во режија на Петар Варбанов, а играат актери главно од Балканот, но и од: Kолумбија, Англија, Kосово, Америка, Грција, Италија, Франција и од Порторико.
„Изгубени Германци“ ќе се игра до 6 април. На проектите заедно со Петелов работат и актерот Артан Телкиу од Дебар и Ѓоко Грдановски од Скопје.
На 26 март „Вајт листед“ премиерно ќе ја изведе и „ММЕ…кој прв почна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


