| четврток, 6 декември 2018 |

Ин мемориам: Трагедија за македонскиот фудбал, си замина кроткиот човек и голем спортист Петар Милошевски

Petar-Milososki-bw

Си замина кроткиот човек и голем спортист Петар Милошевски, еден од најдобрите фудбалски голмани што ги имала Македонија.

Со огромна тага спортска Македонија ја прими веста за шокантното заминување од овој свет на 40-годишниот битолчанец, по трагичната сообраќајка на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, нешто пред полноќ.

Милошевски остави неизбришлива трага во македонскиот фудбал, во нашата национална репрезентација и со 59 настапи во дресот со црвено-жолти бои е на седмото место на вечната ранг-листа.

Перо е човек што зрачеше со оптимизам, со кроткост, со разбирање за секого, голман што го сакаа и почитуваа и во Битола, и во Скопје, и во Куманово, Радовиш, Тетово, Струмица… низ цела Македонија.

Тој е еден од ретките голмани што ги бранел боите на двата вечни ривали во македонскиот фудбал, Пелистер и Вардар. Беше дел од шампионската генерација на „црвено-црните“ од Скопје, почна во својот Пелистер, продолжи во Турција во Трабзонспор, Малатија, Себатспор, а ја заврши кариерата во Кипар во дресот на Енозис.

Секаде почитуван како голем спортист и, што е уште поважно, спортски човек, џентлмен, човек што имаше само добар збор за соиграчите, за ривалите, за помладите.

За жал, прерано си замина, но ќе останат делата. Тие остануваат вечни како спомен на кроткиот човек и голем спортист Петар Милошевски.

 

pero milosevskiФакти за Милошевски:

Роден: 6 декември 1973 година во Битола

Клубови: Пелистер, Вардар, Трабзонспор, Малатија, Себатспор, Енозис

Титули: Шампион со Вардар во сезоната 1994/95 и куп победник со Вардар во сезоните 1994/95 и во 1997/98

Натпревари за македонската репрезентација: 59, седмо место на вечната листа

Дебитантски настап за Македонија: Македонија – Бугарија 1-0, во Скопје, на 25 март 1998 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top