| четврток, 6 декември 2018 |

Грците сè уште лути на рускиот патријарх за Македонија

ivanov gg Kiril

Неколку седмици по посетата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Москва, каде што се сретна и со патријархот московски и на цела Русија, грчките медиуми сè уште ги коментираат изјавите на г.г. Кирил, јави дописникот на МИА од Атина.

– Пријатели, пријатели, но Русите кога ќе најдат можност, особено во прашањето за Скопје, не пропуштаат да зададат удар – коментира „Парон“ потсетувајќи на изјавата на московскиот патријарх дека македонската територија е духовниот Ерусалим на Словените и дека Руската Империја отсекогаш го штитела македонскиот народ.

– Но, тоа што, навистина, предизвика негативен впечаток е што рускиот патријарх изјави дека позицијата на Русија од почетокот од дваесеттиот век беше да се избегне разделувањето на Македонија – додава весникот.

„Парон“ во овој контекст ја повикува грчката Влада дека ѝ должи на патријаршијата во Москва објанување затоа што оваа изјава на патријархот, иако тој е сакан и почитуван во Атина, не помага за соживот на православните на Балканот, ниту за добрите односи меѓу Грција и Русија.

Познавачите на состојбите коментираат дека во екот на кризата во Украина, кога Атина како претседавач со ЕУ секојдневно балансира меѓу тоа што се случува и обидот да ги заштити руските интереси во Грција, тешко дека грчките власти ќе прокоментираат ваква изјава, за која вообичаено би имало некаква реакција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top