
На 7 март, петок, во Драмскиот театар во Скопје е закажана премиерата на претставата „Живот во тесни чевли“ од Душан Ковачевиќ, а во режија на Ненад Витанов.
Актерската екипа на претставата ја сочинуваат: Драган Спасов – Дац, Марија Кондовска, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Душица Стојановска, Биљана Драгичевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, а во претставата играат и студентите Христијан Поп Симонов, Ненад Ангелковиќ, Миа Кантарџиева и Благица Димитровски.
Ова е претстава за петмина несреќни луѓе кои се надеваат дека ќе се изборат за правда и достоинствен живот, а наместо тоа стануваат учесници во реално шоу, експериментални глувци и предмет на исмевање. Убедени дека со големината на својата идеја ќе го добијат заслуженото, тие го губат елементарното човечко достоинство. Тесните чевли се метафора на суровото време во кое храбриот, достоинствениот, праведниот и, пред сѐ, чесниот човек се чувствува непријатно – како да носи тесни чевли! Епилогот на претставата ни дава чувство на оптимизам и надеж дека, сепак, постои правда, ако не на земјата, тогаш на небото – вели режисерот Витанов.
„Живот во тесни чевли“ е современа, социјална, црна комедија со мелодрамски елементи. Актертскиот тим се согласи дека е голема радост да се работи текст на Ковачевиќ. Токму оваа пиеса, во овој момент се игра и во театарот „Звездара“ во Белград и во Истанбул. Досега во Македонија се поставени пет драми на Ковачевиќ, а Ванчо Петрушевски, кој го игра ликот на Веселиот во оваа претстава, може да се пофали дека играл во четири.

– На почетокот сите бевме скептици бидејќи Ковачевиќ пишува текстови со голема метафора и силни карактери. Но, на крај сите го засакавме овој текст, а карактерите се издефинираа – вели Петрушевски.
Претставата е социјална прикзна за луѓето кои работеле во фабрики, во едно мирно време, но потоа доаѓа транзицијата која ги остава на улица.
– Душан Ковачевиќ нема утка во ниту еден негов текст, па таков е случајот и со оваа претстава. Затоа и со уживање прифатив да играм во неа – вели Драган Спасов-Дац, кој го толкува ликот на Стево.
Костимограф е Катерина Чукниева, а сценограф е Валентин Светозарев. Музиката е на Сашко Костов.
Ова е шеста премиера во Драмски театар за една година. Новина е тоа што новинарите пред почетокот на прес-конфренцијата имаа можност да видат еден дел од претставата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


