Од Клечовскиот мост, Кумановско, почнаа активностите за реализирање на проектот „Реконструкција на Коридор 8, делница Куманово-Бељаковце“. Денеска беше поставен камен-темелникот на правата фаза од проектот, со вкупна инвестиција преку 50 милиони евра.
Железничката делница од Куманово до Бељаковце е со должина од 30,8 километри и претставува прва од вкупно трите делници на пругата од меѓународниот железнички Коридор 8, која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, почнувајќи од Куманово преку Бељаковце, Крива Паланка до Деве Баир, односно до границата со Република Бугарија.
На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Страврески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, како и претставници на железниците и на ЕБРД.
Премиерот Груевски истакна дека проектот предвидува целосна реконструкција на постојната пруга во должина од околу 31 километар, изградба на три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, изградба на мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање на кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално сигурносни уреди.
– Најголемиот дел од пругите во Македонија се направени пред повеќе од сто години за време на отоманската империја. Како за пример железничката пруга Скопје – Гевгелија е изградена 1873 година, а железничката пруга од Скопје до Табановце во 1887. Од тогаш па наваму многу малку е инвестирано во изградбата и рехабилитацијата на железничката инфраструктура во нашата држава – рече Груевски.
Дел од активностите, додаде премиерот, беа започнати уште во девесетите години, но поради неодговорност и несериозност на претходната владејачка гарнитура проектот беше прекинат во 2004 година.
Првата фаза од овој проект изнесува околу 46 милиони евра, втората 145 милиони евра, а за третата фаза ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој, од Европската инвестициона банка и од ИПА-фондовите на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.