| четврток, 6 декември 2018 |

Халими: Приоритет во патната инфраструктура е Коридорот 8

koridor

Изградбата на Коридорот 8 и на автопатот Скопје – Блаце ќе биде приоритет на Демократската унија за интеграции во следната година во делот на патната инфраструктура, изјави денеска заменик­ министерот за транспорт и врски, Ниметула Халими, по средба со функционери од ДУИ, на која ги анализираа постигнувањата во ресорите што ги раководат и планираните идни активности.

На средбата присуствуваа министерот за економија Беким Незири, директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, како и пратеници од ДУИ во Собранието.

Заменик­-министерот Халими информира дека го претставил прогресот во тековните инфраструктурни проекти, истакнувајќи ги делницата Кичево – Струга, како и планираната изградба на патот Требеништа – Струга, за кои се подготвува техничка документација, а во кои ќе бидат вложени 45 милиони евра. ­ – Инвестициите во патната инфраструктура на Коридорот 8 достигнаа 390 милиони евра, а во железничката инфраструктура 70 милиони евра- истакна Халими.

На средбата станало збор и за активностите во комуналната инфраструктура. Општините Тетово, Липково, Гостивар, Желино, Струга, Теарце, Брвеница и Чаир, како што рече Халими, ги исполнија условите за користење грант во вредност од 6.750.000 евра од Европската инвестициска банка.

Претставени се и проектите од станбената политика што ги спроведува Министерството за транспорт и врски за изградба на станови за социјално ранливи категории, за млади брачни двојки, лица со посебни потреби, самохрани родители…

Досега, според Халими, се изградени 13 објекти со 660 стана, а годинава почна и изградба на станови во Гостивар и во Велес. Од 2016 до 2018 година е предвидено да се градат преку 800 станови во општините Бутел, Сарај, Дебар и Куманово.

Како што информира заменик­-министерот Халими, на средбата се презентирани и неодамнешните измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кои се продолжуваат роковите за доставување геодетски елаборати на досега поднесените барања за легализација, а се продолжува и рокот за поднесување нови такви барања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top