Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез, во изјава за „Република“ вели дека во Лигата на шампионите нема лесни противници, особено во нокаут-фазата кога се играат два натпревари, по принципот дома-гости. Денеска „црвено-црните“ и вториот наш претставник Металург на ждрепката во Виена од 12 часот ќе ги добијат ривалите за евентуален пласман во четврт-финалето. Во таборот на Металург посакуваат данскиот Колдинг да биде следната пречка за реприза на ланскиот успех, а секако сакаат да ги избегнат двата германски состави Рајн Некар Левен и Флензбург.
Уште потешка ќе биде задачата за Вардар бидејќи македонскиот шампион ги заврши настапите во групата Ц на четвртото место и ќе добие противник што беше прв во една од трите останати групи. Во игра се актуелниот европски шампион Хамбург, поранешниот првак Кил и силниот состав од Унгарија, Веспрем.
– Во нокаут-фазата нема лесни противници, особено во натпреварување какво што е Лигата на шампионите. Сите екипи што се пласираа во оваа фаза имаат квалитет и никому нема да му биде лесно. За Вардар е најважно да биде максимално подготвен за предизвикот, а би било добро да забележиме победа со што поголема разлика на првиот меч како домаќини – ни изјави Раул Гонзалез, шпанскиот тренер на клупата на Вардар.
Редакцијата на „Република“ направи интервју со кормиларот на „црвено-црните“, што ќе можете да го прочитате во следниот број на неделникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.