За разлика од поголемиот дел од земјите во Европската унија кои бележат дури и негативни стапки на раст, индустриското производство во Македонија во декември порасна за 9,5%, што е значително повеќе споредено со најразвиените европски економии, пишува Вечер.
Индустриското производство во еврозоната во декември минатата година се намали на месечно ниво за 0,7%, што е над очекуваното од 0,3%, објави Европскиот завод за статистика. Раст на индустриското производство од 2,7% во истиот период имаше во Словенија, во Грција – 2,6% и во Португалија – 0,7%. За разлика од поголемиот дел од земјите во Европската унија, индустриското производство во Македонија во декември порасна за 9,5%, што е значително поголем раст споредено со најразвиените европски економии.
Најголем пад на индустриското производство во рамките на еврозоната беше забележан во Естонија – 5,7% и 2,6% во Холандија.
Во декември најголем пад на месечно ниво е забележан кај капиталните производи и енергијата за 2,1%, а во истиот сегмент за 1,9% е забележан и во ЕУ-28.
Најмногу, пак, во еврозоната во декември пораснало производството на интермедијарни производи – 0,9%.
На годишно ниво, пак, календарски прилагоденото индустриско производство во декември бележи раст од 0,5% во еврозоната и 0,9% во ЕУ-28.
Гледано по земји, на годишно ниво најголем раст на индустриското производство бележи Португалија со 7,1%, Романија за 7%, Чешка за 6,7% и Словенија со 5,2%. Најголем пад, пак, на годишното индустриско производство е забележан на Малта за 7,3%, Ирска за 6,7% и Естонија за 6,4%
Македонското индустриско производство во декември порасна за 9,5%
Индустриското производство во текот на минатата година забележа пораст од 3,2 проценти, а во декември 2013 во однос на декември 2012 бележи раст од 9,5%, објави Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен бележи опаѓање од 4,2%, во секторот преработувачка индустрија бележи пораст од 13,1%, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1,9%.
Според главните индустриски групи, производството во декември 2013 година во однос на декември 2012 година бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 4,8%, кај капитални производи за 43,8%, кај трајни производи за широка потрошувачка за 4,3% и кај нетрајни производи за широка потрошувачка за 14,2%, додека опаѓање бележи кај енергија за 7,1%.
Според премиерот Никола Груевски, растот на индустријата е резултат на многу работа, на многу реформи, на создавање добра клима, привлекување и охрабрување на инвеститорите, директна помош во решавањето на нивните проблеми од страна на Владата и на министрите,
-Многу проекти за кои сме во директна комуникација со компаниите и со фабриките обидувајќи се да им помогнеме на секој можен начин во рамките на законите се резултат и на залагањата на самата бизнис-заедница во Македонија и на самите сопственици и инвеститори на овие фабрики и со заеднички сили работите се движат во добра насока. Очекувам да продолжи така и во текот на оваа година растот да биде висок – изјави премиерот Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.