| четврток, 6 декември 2018 |

Обрван доби поддршка од РФМ, ракометарите си ќарија награда од 30 илјади евра

Ивица Обрван доби целосна поддршка од раководството на Ракометната федерација на Македонија, а неговите избраници кои настапија на Европското првенство во Данска и го освоија десеттото место ќе поделат награда од 30 илјади евра.

Ваква одлука донесе Управниот одбор на РФМ, а специјална награда од 60 илјади денари му е доделена на селекторот на кадетската репрезентација Александар Јовиќ за успехот во квалификациите и обезбедениот настап на ЕП, летово во Полска.

„Ја остваривме целта во Данска со пласманот во вториот круг, иако нормално е дека имавме огромна желба и за подобар резултат. Некои околности не спречија во тоа, но глобално мораме да бидеме задоволни“, рече Живко Мукаетов, претседателот на РФМ.

Прифатен беше извештајот и на селекторот Обрван, кој дебитираше на клупата на македонската селекција во Данска. Тој посебно го истакна квартетот Миркуловски, Лазаров, Ристовски и Стоилов.

„Миркуловски е навистина врвен професионалец каков ретко се наоѓа. Тој е вистински пример за настап во националниот дрес, ракометар кој комплетно се става во функција на репрезентацијата. На првенството во Данска одигра и подобро од што можеби сите ние очекувавме затоа што, сепак, непосредно пред тоа имаше проблеми со повредата на коленото. Сепак, со силни напори за сериозен лекарски третман овозможивме да го имаме на располагање за ЕП“, изјави Обрван.

Хрватот е оптимист и вели дека македонскиот ракомет има добра перспектива.

„Имав можност да ги проценам квалитетите на сите репрезентативци што играа во Данска и сега имам подобра слика за тоа во кој правец треба да се движиме во иднина. Секако, планирам шанса да добијат и помлади ракометари, од кои очекуваме да бидат носители на играта на Македонија во перспектива“, дополни Обрван.

Нов предизвик за Македонија е јунскиот бараж-двомеч со Грција за пласман на СП во Катар 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top