Европската банка за обнова и развој во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија од три проценти во 2014 година, што е за 0,3 отсто повеќе од претходната прогноза.
Според извештајот на ЕБОР, само Косово ќе има поголем раст од Македонија од 3,5 проценти. Економијата на Црна Гора ќе порасне за два процента, на БиХ и Бугарија за 1,8 отсто, Албанија за 1,7 проценти, Србија за 1,3 отсто и Хрватска за еден процент. Просечниот раст на БДП во регионот на Југоисточна Европа според ЕБОР ќе биде 2,1 процент.
Економистите на ЕБОР предвидуваат раст од скромни 2,7 проценти во 2014 година, исто како во ноемвриската проекција, што претставува зголемување споредено со 2-процентниот раст во 2013 година.
За одржливо закрепнување потребно е земјите во регионот да продолжат со структурните реформи и да се справат со последиците од кризата, вклучително и високите стапки на нефункционални кредити и долгорочна невработеност, се вели во извештајот.
Во најновиот извештај на ЕБОР се вели и дека растечките економии се уште трпат поради одлив на капитал, што најверојатно ќе потрае имајќи го предвид очекуваното постепено стегање на монетарната политика на САД.
Во извештајот се нагласува добредојденото зголемување на кредитирањето во локална валута во многу земји од Централна и Југоисточна Европа, како што се Унгарија, Полска, Бугарија и Македонија. Достапноста до кредити во странска валута во овие земји е погодена од процесот на намалување на степенот на задолженост, додека кредитите во локална валута забележаа умерен раст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.