Што може да добие Македонија, а што да загуби со најновото мешање на картите во европските институции? Може ли земјава да ја подобри својата позиција по заминувањето на Жозе Мануел Баросо од претседателската позиција во Европската комисија во јануари 2015 година? Кои се можните кандидати за негов наследник и дали Македонија има некакви врски со нив? Имаат ли дипломатските претставништва во странство пари и логистика за да ги запознаат, па и да ги убедат дека Македонија е жртва на грчката политика? Доколку македонската дипломатија веќе ги има одговорите на овие прашања, постои надеж дека земјава може да си помогне во европските кулоари. Доколку овие прашања не се на дневен ред на владините и на министерските состаноци, тогаш, особено што пари за вакви активности не се предвидени со Буџетот, Македонија ќе биде нем набљудувач на процесите од кои значително може да зависи нејзината иднина.
Благодарение на Лисабонскиот договор, Европскиот парламент од овој изборен циклус има пресудно влијание врз изборот на наследникот на Баросо и неговите комесари. Европските граѓани првпат ќе можат директно да влијаат врз изборот на првите луѓе на Комисијата затоа што на следните избори за ЕП тие ќе можат да видат кои се носителите на листите на главните политички групи во ЕП што во исто време се и кандидати за претседател на Европската комисија. Прашањето за легитимитетот на шефот на Европската комисија, кој и според самиот Баросо е проблем, пред сѐ, поради малиот одѕив од 43 проценти на последните избори во 2009 година, отвора мал, но реален простор Македонија да се обиде да тргува со својата дијаспора во земјите-членки на ЕУ.
Неофицијалните процени велат дека преку половина милион Македонци или луѓе по потекло од Македонија ќе имаат право да гласаат на мајските избори за европратеници. Доколку домашните партии се договорат сите свои влијанија да ги насочат кон еден од најсериозните кандидати и на тој начин да обезбедат стотици илјади гласови за еден од кандидатите, земјата значително може да ја подобри својата позиција во пресрет на идните одлуки поврзани со Македонија.
Грчкото сонце пресилно за Баросо
Иако европските закони и практика забрануваат лобирање во кое европските функционери земаат пари или користат други бенефиции за да имаат одреден став за дел од прашањата кои се поврзани со распределба на пари, јавна тајна е дека во оваа игра, во која се вклучени стотици луѓе, компании, агенции за односи со јавноста, лобисти, поранешни политичари, значителна улога имаат фондовите со кои се помагаат кампањите на кандидатите и на партиите. Ако покрај добрата организација при обезбедување поддршка преку, на пример, активности на македонските друштва во дијаспората, земјата најде и пари за финансирање на дел од логистиката, можноста да се помогне во текот на кампањата не е занемарлива. Со оглед на правилата според кои ексклузивно право за водење кампања на изборите за ЕП имаат „европартиите“, поточно партиите што имаат структура на европско ниво и контакти, а кои редовно се консултираат и со своите шефови на влади и држави, Македонија има простор за трговија. Колку и да е таа мала, сепак може да биде искористена за влијание.
Се разбира, Македонија нема ниту море ниту јахта како таа на која пред неколку години летуваше актуелниот шеф на Европската комисија и со тоа шансите да се „спријатели“ со некој од идните еврофункционери што ќе ни ја решаваат иднината се помали, но не се и непостојни. Однесувањето на Баросо во текот на неговите два мандати ретко кој може да не го протолкува како „пристрасно“ во поглед на спорот за името. Затоа, ако веќе не е предоцна, Македонија, покрај меѓународното право и Повелбата на ОН, мора да почне да дејствува на ист начин на кој размислуваат и дејствуваат и нејзините европски пријатели. Особено како што размислуваат нашите грчки пријатели.
За некои од кандидатите веќе нема потреба да се чека. Групата на европските социјалисти веќе се определи за Мартин Шулц, сегашниот претседател на Европскиот парламент. Може ли Македонија да влијае врз германскиот „тешкаш“, како што го нарекуваат Шулц во европските медиуми, зависи од умешноста на македонските дипломати, но и од неговите лични политички принципи. Ако се суди според изјавата дадена за српските медиуми во врска со проширувањето, Шулц не е најдобриот избор за Македонија, но сосема спротивна е приказната ако се суди според пораката што тој му ја пренесе на претседателот Ѓорге Иванов на нивната средба во септември 2012 година. Тогаш принципиелниот германски политичар му рекол на македонскиот претседател дека сѐ додека тој е на чело на ЕП, Македонија ќе ја има неговата поддршка. Освен Грција, нема друга причина за тој да го промени ставот доколку во мај го наследи Баросо.
Либералите, познати под кратенката АЛДЕ, најверојатно, ќе го изберат Оли Рен, кој ни ѝ добро познат бидејќи беше еврокомесар за проширување пред Штефан Филе. Финецот пред конечниот избор ќе има сериозни противници, поранешниот белгиски премиер и претседавач со АЛДЕ, Гај Верхофштад, и Гидо Вестервеле, ексшефот на германската дипломатија. Со сите тројца Македонија досега имала блиски средби. Дали тие се убедени во исправноста на македонската приказна и што може да се направи за да биде така е отворено прашање.
Се разбира, исто како и кај АЛДЕ, и кај зелените има мала веројатност да го добијат местото претседател на ЕК, но и тие се во игра. Кај нив, во отсуство на легендарниот Даниел Кон Бендит, кој се повлекува, се шпекулира со Ребека Хармс од Германија, која ни е малку позната, и со Французинот Жозе Бове.
За Македонија поважно од зелените и од АЛДЕ е кој ќе биде кандидат на европските конзервативци, кои, и покрај анкетите на кои благо водат социјалистите, сѐ уште се сериозен кандидат за победник на мајските избори. Доколку веќе не е предоцна за градење силни врски, земјата има само 60 дена за да воспостави мостови кои би ѝ дале можност да добие макар и дискретна помош кога на маса ќе биде македонското досие.
Премиерот со најдолг стаж во европска членка, кој Луксембург го водеше цели 19 години, е еден од најсериозните кандидати за позицијата на Баросо. Жан Клод Јункер најголем конкурент засега има во полскиот премиер Доналд Туск, кој, исто како и Јункер, ќе сака да ја искористи предноста што доаѓа од земја што не е дел од групата големи и силни членки на ЕУ. Токму поради последната причина, францускиот еврокомесар за внатрешен пазар и услуги, Мишел Барние, не е најголем фаворит за оваа позиција.
(објавено во 71. број на неделникот „Република“, 10.01.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.