Шпанија и Данска фуриозно со трета победа во низа и без пораз во своите групи се пласираа во следната фаза, а во новоформираната Група 1, Македонија има одлична позиција и со два бода како третопласирана ќе ја продолжиме одисејата на Европското првенство во Данска.
Вечерва Шпанците го победија Исланд со 33-28, а сличен беше резултатот и на дуелот Данска против Чешка, каде актуелните европски прваци и домаќини на турнирот славеа со 33-29.
Шпанците и Данците носат максимални 4 бода, а ние имаме два по победата над Австрија вечерва со 22-21. Зад нас се Исланд и Унгарија со по еден бод, а Австрија ќе ги почне клучните три натпревари без бодови.
Познат е и распоредот во новоформираните групи и прв противник задутре ќе ни биде Унгарија. Два дена подоцна, на 20 јануари ќе играме против Исланд, а втората фаза ја завршуваме со меч против актуелниот светски првак Шпанија, селекција со која бевме и во квалификациската група за пласман на ова Европско првенство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


