Кирил Лазаров не е само опасен шутер, туку одлично знае да ги разигрува своите соиграчи и тој ќе биде главна закана за Данска на вечерашниот меч од првото коло во А групата, вели пикерот на Барселона Јеспер Нодесбо.
„Заедно играме во Барселона и одлично ги познавам неговите квалитети. Тој е еден од најкомплетните ракометари на планетата. Знае да ви даде 10 гола од 11 удари, а притоа и да има и доста асистенции. Беспрекорно соработуваме во Барселона и секогаш умее да ме пронајде на линијата во чиста ситуација за погодок“, вели Нодесбо. Корпулентниот пикер на Барса, ќе биде еден од адутите на домаќините на Европското првенство што почнува денеска, а Данска има екстра-квалитетен состав и е меѓу главните фаворити за одбрана на титулата, освоена во Србија пред 2 години.
Македонија вечерва им е противник во Хернинг, а Данците велат дека не готват посебна тактика за да го сопрат Кирил Лазаров.
„Лазаров е тежок за чување, но нема да има ВИП третман. Ракометот е колективен спорт и не зависи од еден играч“, вели селекторот на Данците Улрик Вилбек.
Медиумите во Данска потсетуваат на за нив убавата епизода од Белград, кога на чудесен начин извлекоа победа против Македонија, иако ние при резултат 32-32 имавме последен напад за победа. На 6 секунди до крај Никлас Ландин му го одбрани ударот на Кирил Лазаров и во контра загубивме со голот на Линдберг. Лазаров на тој меч беше нерешлива енигма за одбраната на противникот и даде 13 гола.
„Последниот удар сигурно не е еден од подобрите моменти во неговата кариера, но се случува да промашите. Не смееме да заборавиме како играше до тие последни 6 секунди. Имавме многу проблеми со него на тој меч и ни даде премногу голови, па очигледно е и сега дека Лазаровќе биде главната закана за нас“, вели Микел Хансен.
Дуелот на двајцата бомбардери Хансен и Лазаров ќе биде во фокусот на вниманието, вечерва од 20,30 часот во Хернинг, но двете селекции имаат дузина квалитетни ракометари, што можат да го одлучат четвртиот меѓусебен дуел на Македонија и Данска. Досега имаме 3 порази на големите натпреварувања од Данците и ја очекуваме првата победа против нив.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


