| четврток, 6 декември 2018 |

Современа медицинска опрема за повеќе јавни здравствени установи

Најсовремена дијагностичка опрема во вредност од 386 милиони денари, односно шест милиони евра, ќе добијат јавните здравствени установи, најави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

Станува збор за три апарати за компјутерска томографија, два акцелератора, еден ангиограф, еден мамограф и еден дигитален рендген-апарат.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, посочи дека со оваа опрема пациентите ќе имаат можност на исто место да добијат и дијагностика и лекување.

Постапките за набавка на нов акцелератор за Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија и за нов ангиографски систем за ГОБ „8 Септември“ се веќе објавени, а вредноста на овие два апарати изнесува 160 милиони денари.

Toдоров нагласи дека градската општа болница „8 Септември“ првпат добива нов ангиограф, кој, како што нагласи Тодоров, претставува столб на секундарната здравствена заштита како за градот Скопје, така и за пациентите од цела Македонија.

– Со него се детектираат сите промени на крвните садови, односно дијагностика на запушени крвни садови и поставување стентови. Секојдневно еден до двајца пациенти се со дијагностициран инфаркт на срце и тие потоа се преупатуваат на клиника за кардиологија, што значи дека 25 до 30 пациенти месечно имаат потреба од ангиографско снимање на крвни садови на срце – рече Тодоров, додавајќи дека паралелно со набавката на ангиографот ќе се обучуваат и докторите кои ќе работат со оваа современа апаратура.

Министерот апелираше до сите економски оператори да учествуваат во изработката на тендерската документација, во наредните пет дена.

Во тек е и постапката за набавка на нова медицинска опрема за повеќе јавни здравствена установа во вредност од 220 милиони денари. И тоа три нови апарати за компјутерска томографиј, кои ќе бидат инсталирани во  Универзитетската клиника за неврологија, во Клиниката за детски болести и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top