Ниеден човек не е остров сам за себе. Секој човек е дел од континентот, дел од целината… Смртта на секој човек ме намалува мене…Затоа не прашувај за кого бијат камбаните.
Македонците ќе се сеќаваат и ќе прераскажуваат за бебето Најден, оној млад борец, кој, сепак, не ја издржа битката за живот. Малиот Најден беше пронајден во Арачиново со отсечено јазиче и со модринки по целото тело. За него се крена на нозе цела Македонија. Беа организирани поголем број хуманитарни акции за да му се помогне. За жал, се простивме од него. Неговото малечко срце попушти… Тоа е јунакот од 2013 година.
Спомен за владиката Кирил

Замина Најден, заминаа и многу други еминентни и значајни имиња од земјава. Православните верници се простија од владиката Кирил, кој почина во јуни, на 79-годишна возраст. Исламските верници, пак, се збогуваа од хаџи Јакуп-ефенди Селимовски, директор на Секторот за образование и за верски прашања во Исламската верска заедница и поранешен нејзин поглавар.
И политиката остана покуса за неколку имиња. Во 2013 почина еден од основачите на ДУИ, Абдулахим Касами, како и некогашниот пратеник и поранешен претседател на ПДП, Абдураман Алити.
Последно збогум македонската јавност испрати и до Снежана Османли, една од најзначајните политички фигури на Македонија, која беше долгогодишен шеф на кабинетот на претседателот Киро Глигоров.
Во сеќавањата ќе остане и политичкиот аналитичар Александар Величковски, како и првиот анестезиолог, д-р Ристо Ивановски.
Новинарите загубија многу имиња
Новинарите ќе ја паметат 2013 година како година во која загубија многу имиња во својата фела, имиња што прерано заминаа од овој свет. Замина Никола Младенoв, сопственикот на „Фокус“. Во март замина човекот што прашуваше што е животот ако нема грешки? „Битно е грешките да не ве оневозможат да се дигнете и да продолжите натаму. Битно е да не ве нокаутираат“, велеше тој. Во март 2013 година загина во сообраќајна незгода.

Никола Младенов
Шокот за новинарската фела не заврши тука. Три месеци подоцна повторно претставниците на седмата сила со солзи на очи пишуваа статии за заминувањето на новинарот Роберто Беличанец…. Замина прерано, неговото срце откажа, веројатно како последица на вечната трка со времето…

Роберто Беличанец
Александра Дамевска, Искра Ефтимова, ветеранот во македонското новинарство Гордана Ристевска… Тоа се новинарите од кои се простивме во тринаесеттата година од овој век. Нѐ напушти и еден од најпознатите телевизиски патописци, Љубе Цветановски.
Ѓорчев, Светиев, Лауренчиќ, Дуле…
Актерската сцена остана покуса за неколку имиња. Се збогувавме со Бранко Ѓорчев, македонскиот актер што велеше дека убавината секогаш победува. Но тој не ја победи болеста… Замина на педесетгодишна возраст и остави празнина на македонската театарска сцена, како што остави празнина и Владимир Светиев, еден од најекспонираните македонски актери.

Бранко Ѓорчев
Светот го напушти и филмскиот работник Стеван Ацевски, продуцент на многу познати македонски филмови. Замина и Иво Лауренчиќ, човекот што се плашеше од просечност, а секогаш создаваше уникатност и неповторливост. Создавачот на марки исполнети со приказна и со трајни вредности.
Македонската култура загуби многу имиња во 2013 годинава. Писателката Вера Бужаровска, флејтистот Никола Атанасов, пијанистката Стела Слејанска-Стојаноска, диригентот Александар Лековски, Кузман Поп Стефанија, водачот на охридскиот ансамбл на староградски песни „Билјана“….

Душан Љубосављевиќ
Естрадата се збогува од Душан Љубисављевиќ, или попознат како Дуле од „Дуле и Коки“. Замина прерано, губејќи ја битката со ракот. Неверување и тага за младиот живот. Неверување и за прераната смрт на неговата сограѓанка, дваесет и седумгодишната манекенка Малена Дивчева. И таа се бореше со ракот, но болеста беше посилна. Битката со ракот ја загуби и Ацо Конга. Веруваше дека ќе биде посилен, јавноста се обиде да му помогне да собере средства за вање. За жал, една недела пред крајот на годината замина и Конга, еден од членовите на „Нокаут“.

Перо Комита
И во спортската фела нѐ напуштија неколку имиња што оставиле голема трага во македонскиот спорт. Комитите се збогуваа од еден од основачите на навивачката група, Перо Комита (Перо Апостолов). Замина и фудбалскиот тренер Лазар Плачков, фудбалскиот работник Ванчо Таковски, како и ракометниот спортски работник Ефтим Џигероски.
Заминаа, но зад себе оставија трага, по која ќе ги паметиме ние, трага по која ќе ги знаат и идните генерации.
Броз, Ламбаша, Чума…
Балканот тагуваше по Јованка Броз, сопругата на претседателот Јосип Броз – Тито. Сепак, најголем шок беше прераната смрт на хрватската актерка Долорес Ламбаша, која загина во сообраќајна незгода.

Јованка Броз
Се збогувавме и од нејзините колеги Јанош Тот, Драгомир Чумиќ – Чума и Ружица Сокиќ. Споменот останува и за Енцо Лесиќ од „Индекси“, писателот Мирко Ковач, треварката Матија Пауновски, фудбалските работници Јосип Куже, Влатко Марковиќ и Иван Турина, првиот тренер на Новак Ѓоковиќ, Јелена Генчиќ, алпскиот скијач Борис Стрел.
Во 2013 година заминаа и новинарите Александар Тијаниќ и Жељко Малнар.
Мандела, Тачер, Чавез…
Светската музичка, филмска и политичка сцена годинава се прости од многу имиња. Актерот Питер О’Тул, познат по својата улога во филмот од 1962 година „Лоренс од Арабија“, почина на 14 декември на 81-годишна возраст. Актерката Еленор Паркер, номинирана за „Оскар“ трипати во нејзината кариера (1950, 1951, 1955), почина на 9 декември на 91-годишна возраст.

Мандела
Најголемиот борец за човекови права, и првиот црн претседател на Јужна Африка, кој го победи апартхејдот, го заврши „долгиот пат“ на 5 декември. Нелсон Мандела имаше 95 години.
Во сообраќајна незгода загина и четириесетгодишниот Пол Вокер, ѕвездата од франшизата „Брзи и бесни“.
Нобеловката Дорис Лесинг почина во нејзиниот дом во Лондон на 17 ноември. Британската авторка е најпозната по нејзината книга „Златниот нотес“.
Лу Рид, кој беше еден од највлијателните музичари, текстописец, вокален солист и гитарист на „Велвет андерграунд“ почина на 27 октомври на 71-годишна возраст.
Бил Шерман, кошаркарот од „Куќата на славните“, кој освои четири шампионски титули во НБА како играч, една како тренер и пет „од канцеларија“, почина на 25 октомври во јужна Калифорнија на 87 години.
Републиканецот Бил Јанг од Флорида, кој важи за републиканец со најдолг стаж во Претставничкиот дом на САД, почина на 18 октомври на 82 години.
Фоторепортерот Бил Еприџ, првиот човек што го фотографираше сенаторот Роберт Ф. Кенеди само неколку моменти откако беше застрелан во Лос Анџелес во 1968 година, почина на 3 октомври.
Актерот Џејмс Гандолфини почина на 51 година од срцев удар. Гандолфини стана еден од најпознатите актери во филмската индустрија преку неговата улога во серијата „Сопранови“.
Реј Манзарек, клавијатурист и еден од основачите на „Дорс“ почина од рак на 20 мај на 74-годишна возраст.
Поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, една од најголемите фигури во поствоена Британија и светската политика и единствената жена-премиер на Британија, почина на 87 години на 8 април.

Уго Чавез
Уго Чавез, претседателот на Венецуела, кој се прогласи себеси за „социјалист на 21 век“ и непријател на САД, почина на 5 март.
Заминаа Мет Гронинг (Марџ од Симсонови), Крис Кели од „Крис крос“, иконата на Вудсток Ричи Хејвенс, холивудската сирена Естер Вилијамс, Клајв Бур – тапанарот на Ајрон Мејдн, комичарот Мел Смит, кошаркарскиот мит Сергеј Белов.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


