| четврток, 6 декември 2018 |

МЗ: Починатите бебиња се од високоризични бремености

Четирите починати новороденчиња од 21 септември на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје биле од високоризични бремености завршени со предвремено породување и имале ниска родилна тежина, утврдила стручна комисија. Докторката која биле дежура ноќта меѓу четвртокот и петокот е суспендирана.

Министерството за здравство соопшти дека сите овие ризик-фактори го отежнуваат преживувањето на новородените деца и ја зголемуваат стапката на морбидитет и морталитет.

– Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници од страна на Комисијата се констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи, соодветен третман пред породувањето, правилна индикација за оперативно завршување на предвремено започнато породување, запазени анестезиолошки процедури, успешно спроведена примарна стабилизација на новородените, како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија-се наведува во соопштението.

Минатиот четврток на Клиниката за гинекологија и акушерство починаа четири новороденчиња – две машки и две женски. Едното машко новороденче е родено со екстремно мала тежина, женското новороденче е од мајка која имала хипертензија и инфекција, додека второто машко новороденче е од ризична бременост. Другото женско бебе е прематурно родено кое престојувало на одделот 37 дена на механичка вентилација и за цело време било во исклучителна тешка општа состојба.

Во соопштението се додава дека Министерството за здравство во моментот е фокусирано на изготвување посебна стратегија со дефинирање конкретни мерки и активности за унапредување на гинеколошката здравствена заштита на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, како и во сите породилишта во државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top