| четврток, 6 декември 2018 |

„Хавана микс“ ја донесе Куба во Македонија

Оркестарот што доаѓа од Хавана е составен од 9 врвни музичари, кои се академски образовани, свират по неколку инструменти, а воедно се и вокали. Изведуваат џез мелодии, изворни кубански мелодии, како и преработени хитови во салса верзија од светски познати поп и рок групи.

Куба е една од најомилените дестинации на туристите кои преферираат долги песочни плажи, пури, мохито, прекрасни танци, музика… Исто така, Куба е земја со најголем број олдтајмери, која ги мами најбогатите колекционери на стари автомобили од целиот свет. Но, Куба е позната и по други нешта. Кога ќе се спомене Куба, прво нешто на што помислуваме е легендарниот револуционер Че Гевара. Интелектуалец, герила водач, дипломат и воен теоретичар, кој магазинот „Тајм“ го прогласи за еден од стоте највлијателни луѓе. Кубанските цигари се најдобрите цигари кои се произведуваат во светот. Затоа, не е ни чудно што на Куба живее една од нациите што најмногу пуши цигари. Кубанските цигари содржат минимум никотин и се изработени од хартија од ориз. При нивното создавање мора да се помине преку долг процес на прочистување. Но, секако најпознато нешто од Куба е музиката. Кубанската музика како микс од шпанско и африканско потекло е најпопуларна  во светот. Од неодамна во Скопје престојува бендот „Хавана микс“, кој ја донесе кубанската култура во Македонија.

– Ја сакам Куба, таа е моја татковина. Таму луѓето се многу пријателски расположени. Сиромашни се, но се добри, сакаат да пеат и да играат. Нашата музика и култура се многу развиени. Голем дел од населението е образовано, а здравственото осигурување е државно, што претставува оставина од претходното уредување – вели Гледис, која свири на флејта, пее и танцува во групата „Хавана микс“, која во изминатиов период е мошне присутна на македонската сцена. Групата настапи во Амбасадата на Словачка во Македонија, по повод одбележувањето на востанието против фашизмот, потоа во „Вила Водно“, каде што под покровителство на претседателот на Република Македонија се одржа џез-настан со кој се поддржува џез-културата во Македонија и обновувањето на радиото „Џез ФМ“. Настапија и на „Виноскоп“, на „Пивофест“, во Охрид, Гевгелија, Пробиштип, а најмногу се присутни во Скопје.

Во стилот на латинската музика, во Куба можете да заиграте во ритмите на конга, румба, салса, мамбо и ча-ча-ча. Но, повеќе нема потреба за сево ова да одите таму, бидејќи кубанскиот оркестар „Хавана микс“ ја донесе Куба во Македонија! Оркестарот доаѓа од Хавана и е составен од 9 врвни музичари. Сите членови на оркестарот се академски образовани, свират по неколку инструменти, а воедно се и вокали. „Хавана микс“ изведува џез-мелодии, изворни кубански мелодии, како и преработени хитови во салса верзија од светски познати поп и рок-групи.

– Во Хавана постои проблем со традиционалната музика. Неа можете да ја чуете само во стариот дел од градот во Хавана. Луѓето веќе не слушаат таква музика. Повеќе ја сакаат модерната музика, која ги преплави и телевизиските и радиостаниците – раскажува Гледис, која првпат е во Македонија и во Европа воопшто.

Плаја Виеја е стариот плоштад во главниот град Хавана, каде Гледис вели дека единствено може да се слушнат звуците на традиционалната кубанска музика. Изобилува со импресивни зданија на Кубанската архитектура кои потекнувааат од 17-тиот и 18-тиот век, а првичниот план за овој простор  бил тука да биде владиниот и воениот центар. Местото изобилува со кафулиња во кои постојано одекнува кубанска музика, а забавата ја има дење и ноќе . Таму настапувале Роберто и Гледис.

Групата ја сочинуваат: Dagoberto Francisko Duporte, Iladys Ginora Carreras, Gladys Rodriguez Alonso, Pablo Alberto Villafruela Velazquez, Yisel Correa Villalion, Nora Yanela Santovenia Duenas, William Toiras Santana, Lopez Pena Haydee I Eduardo Francisko Colas Perez.

-Дојдовме на 24 август. Слетавме во Белград, а оттаму допатувавме  во Македонија. Некои од нас веќе биле во Европа, но повеќемина за првпат се надвор од Куба. Сите ние свириме во различи бендови во Куба и ова е првпат да свириме и да настапуваме заедно. Проектот „Havana Mix“ е формиран само за оваа прилика и идејата беше да се донесе кубанската музика на Балканот. Овој дел на светот да дознае повеќе за нашата традиција и култура, вели Роберто.

Нивниот менаџер, Дејан Органџиев вели дека сите музичари ги избирал поединечно патувајќи низ Хавана.

– Имам музичко образование и тоа беше некаков предуслов да ги изберам музичарите. Ја прошетавме Куба, заедно со Велимир Бошковски и слушавме музика и најразлични изведувачи. Откако се согласивме околу идејата за проектот „Havana Mix“, најпрвин мислевме дека  двајца или тројца музичари ќе бидат доволни, но таму се сретнавме со живи оркестри кои имаат по 12 членови… И сфативме дека ќе мора да составиме поголем бенд, но музичарите ги избиравме поединечно. Роберто свири на главниот плоштад во Хавана веќе 15 години. Таму го најдовме, го слушнав и веднаш знаев дека тој треба да е дел од проектот. Пее прекрасно, во живо, без озвучување. Тоа е магија…А Нора е оперска пејачка. Кога го слушнав нејзиниот глас исто така веднаш одлучив да ја повикам во Македонија. Всушност сите имаат завршено високо музичко образование.

Поголемиот дел од нив никогаш не биле надвор од Куба. За првпат се во Македонија и многу им се допаѓа.

-Досега немавме слушнато за Македонија. Јас сум за првпат во Европа. Останатите членови на бендот досега настапувале во Европа, вели Гледис. Воопшто за Македонците мислам дека се слични со нас. Тоа е топол и мошне гостољубив народ. Народ кој е комуникативен и затоа ми е драго што сум овде бидејќи така помалку ми недостига татковината, вели таа.

Музичарите заминуваат од Македонија на 22 ноември, а потоа најверојатно ќе дојдат други или на некаков друг начин ќе продолжи овој проект, бидејќи како што ни рекоа  Органџиев и Бошковски ќе продолжат да го развиваат проектот „Havana Mix“ со тоа што ќе организираат повеќе вакви бендови кои постојано ќе доаѓаат да гостуваат на Балканот.

-Идејата за создавање на овој проект не беше само да се пренесе музиката од Куба, туку и културата од Куба. Живееме во материјален свет, а ние со „Havana Mix“ проектот сакавме да го поттикнеме духовното, бидејќи на Куба духовното е над материјалното. Во Куба нема луксуз, нема реклами на телевизија, не постојат хартиени пари (банкноти)… А луѓето се задоволни, среќни, постојано танцуваат и пеат. Ова е на еден начин оаза на друга култура во нашиот град. Вакви катчиња имаат сите метрополи, па затоа сакавме и Скопје да добие вакво катче кое не само преку храна, или ентериер, дуку и како дух ќе има автентичен кубански изглед, вели Бошковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top