| четврток, 6 декември 2018 |

Град Скопје го продава мнозинскиот пакет-акции во фудбалскиот клуб „Вардар“

Vardar - skendija   08 12 13(13)

Мнозинскиот пакет-акции во фудбалскиот клуб „Вардар“, кои ги поседува Градот Скопје, ќе се понудат на продажба. Станува збор за 51 % акции, чија вкупна вредност е проценета на најмалку 2.550.000 денари (околу 40.000 евра), односно една акција ќе се продава по 50.000 денари. Одлуката за продажба на клубот денеска ќе се најде на дневен ред пред Советот на Град Скопје -објави Дневник.

Право на учество на јавниот повик имаат сите домашни и странски правни лица. Основен критериум за избор ќе биде највисокиот понуден износ на минимум годишно вложување за временски период од 10 години, при што понудениот износ не може да биде понизок од милион евра годишно во денарска противвредност во согласност со средниот курс на Народната банка – образложуваат градските власти.

Нивното мислење е дека со влез на приватен капитал ќе се надгради досегашниот успех на ФK „Вардар“, а со тоа ќе се постигнат и поголеми резултати во земјата и во Европа.Во однос на финансиската состојба, минатата година се остварени 93,9 милиони денари приходи, редовно се намирувани сите трошоци, а годината е завршена со добивка.

– Со влегувањето на Градот Скопје како соосновач со мнозинско учество, клубот две години по ред е шампион во Првата македонска фудбалска лига. Влегувањето приватен капитал ќе овозможи постигнување и позабележителен успех на европска сцена во рамките на натпреварувањето во европските купови и, воопшто, унапредување на фудбалскиот спорт во Скопје и во Македонија – сметаат од Градот.

Градот Скопје е соосновач на друштвото за спортски дејности со мнозинско учество од 51 отсто во основачката главнина на друштвото и сопственик на 51 отсто од акциите, а преостанатиот дел од акциите ги поседува АД за изградба и за стопанисување со станбен и со деловен простор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top