
Со праизведбата на „Вечната куќа“ на авторот Јордан Плевнеш, а во режија на Дејан Пројковски, вечерва од 20 часот се отвораат вратите на новиот објект на Македонскиот народен театар (МНТ) крај Вардар.
Целиот ансамбл на националниот театар учествуваше во создавањето на делото, кое има уште две официјални премиери, утревечер и в понеделник. Декември ќе биде месец во кој уште девет пати ќе се игра на сцената „Вечната куќа“, а од јануари продолжува редовниот репертоар на МНТ на новата сцена.

Во претставата учествуваат 80-ина актери, студенти од Факултетот за драмски уметности и од ЕСРА. Претставата ќе биде сплет на генерации, пензионирани актери, зрели, но и млади актери и тие што треба допрва да стапнат на нашите театарски сцени.
Екипата која работеше на претставата е интернационална. Дизајнер на светло е ХрватотДени Шешниќ. Светлото во оваа претстава има извонредна улога. Искуството од Пекинг, каде што со „Аида“ направи спектакл со четири илјади светилки, било еден од адутите за Шешниќ да дојде во Скопје. Сценограф е Валентин Светозарец, костимограф е Благоја Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски. Ритуалите и акробатиката до детали ги моделира Александар Илиев од Бугарија, а кореограф е Сташа Зуровац од Хрватска.

Околу 150 луѓе беа вклучени во долгоочекуваната претстава, а од нив половина се актери. Интересно е што во претставата актерот Тони Михајловски првпат игра заедно со својот син Александар, а Васил Шишков го игра ликот на својот татко, бардот на македонското глумиште Ристо Шишков. Сите се согласни дека тоа е една од најпотресните сцени во претставата.

Вечерва ќе има спектакл на сцената во вистинска смисла на зборот. На премиерите ќе има гости од 40 театри од Европа.
Погледнете ја целата фотогалерија на следниот линк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


