
Македонија му должи на Тајван 75 милиони долари и официјален Тајпеј ќе си ги бара тие пари, изјавил министерот за надворешни работи Дејвид Лин на неодамнешната дебата во тајванскиот парламент, на која се дискутирало за ефектите од т.н. долар-дипломатија на инсистирање на опозицијата, објави весникот „Слободен печат“, повикувајќи се на тајвански медиуми, а пренесе „Плусинфо“.
Според извештаите, шефот на тајванската дипломатија рекол дека Тајван ќе инсистира неговите поранешни сојузници да си ги платат сите пари што им биле позајмени, додавајќи дека во спротивно, по судски пат, тие ќе си ги заштитат своите побарувања како кредитори.
Македонија во 1999 година, во време на владата на премиерот Љубчо Георгиевски, потпиша договор за признавање на Тајван. Со тоа Македонија сериозно ги наруши односите со Кина, која ја призна претходно под уставното име. За сметка на тоа доби линија од тајвански кредити, за кои подоцна се водеа судски спорови дека се злоупотребени. Васил Тупурковски, тогашниот коалициски партнер во владата и директор на Агенцијата за странски инвестиции, беше осуден на тригодишна затворска казна, но пред две недели Апелацискиот суд го ослободи од обвиненијата.
Се претпоставува дека земјите што воспоставиле дипломатски односи со Тајван а потоа ги прекинале, на оваа држава ѝ должат повеќе од 500 милиони долари. Покрај Македонија, во групата должници на Тајван се и Костарика со 290 милиони долари, Нигер со 72 милиони долари, Чад со 30 милиони, Гранада со 28 милиони и други држави, со помали суми.
На враќање на долговите инсистира и опозицијата во Тајван, чии претставници сметаат дека „долар-дипломатијата“ не дала резултати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


