Црквата, која само во последниве десетина години се соочи со тешки кривични дела направени од своите владици, црквата, која со децении толерирала митрополити како Качавенда или Пахомие, кои од позиција на црковни достоинственици сексуално злоупотребувале деца, црквата, која во своите редови прими осуден владика, кој потоа се сврти против својот народ, сѐ уште зборува за морал и оценува туѓ црковен живот.
Српската православна црква не се откажува од обидот да владее во епархиите на Македонската православна црква. Со својот последен говор–превод во Ниш, поглаварот на СПЦ, владиката нишки Иринеј, го зацементира ставот на Светиот синод на СПЦ по секоја цена да се опстане на негирање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во тој обид да се покаже сила СПЦ го жртвуваше и претседателот на Србија, Томислав Николиќ, кој минатата година и пред посетата на Скопје и по враќањето во Белград за српските медиуми јавно кажа дека, за разлика од непостојната, за него, Црногорска православна црква – Македонската постои и со неа треба да се најде договор. Политичките противници на Николиќ, кој важи за близок на Светиот синод на СПЦ, ова омаловажување од страна на Иринеј веќе го планираат за наредната изборна трка во која секогаш СПЦ имала силно влијание кај српските гласачи. Дека Светиот синод на СПЦ е подобар политичар од Николиќ се покажа и во случајот со српскиот претседател, но и со вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој поради интересите на Иринеј и радикалното крило што го предводи доживеа да биде понижен откако мораше, барем формално, да ги повлече зборовите искажани за време на погребот на покојниот поглавар Павле. Тогаш цариградскиот патријарх јавно порача дека новиот поглавар на СПЦ ќе мора да седна на маса со МПЦ – ОА за да најде решение, со што индиректно ја призна македонската црква како рамноправна со српската.
Дел од аналитичарите повлекувањето на Вартоломеј од своите ставови го објаснуваат со сериозните битки за превласт што постојат во православниот свет. Во случајот, Вартоломеј мора да игра како што му свират во Белград затоа што во директната пресметка што ја има со рускиот патријарх Кирил нему му е неопходно да ја има српската црква на своја страна или барем како неутрална страна во битката за превласт во православието. Познавајќи ги добро заткулисните игри на релација Москва – Истанбул во кои и самите учествуваат, српските владици околу Иринеј овој пат го злоупотребија Вартоломеј за свои потреби.
Официјално, тие се движат во правец на процедурата за добивање автокефалност и канонската обврска на МПЦ да добие томос од страна на СПЦ. Неофицијално, проблемот на СПЦ е од друга, материјална природа. Се разбира, Вартоломеј никогаш нема да биде информиран дека Иринеј не се откажува од имотите на СПЦ во Македонија што, според многумина добро упатени во спорот меѓу двете цркви, е една од пречките за наоѓање решение. Според едно од сценаријата што беа можни доколку во 2001 година беше прифатен таканаречениот Нишки договор во таканаречената транзициска фаза до целосна независност на МПЦ, а за која никој не знае колку долго би траела, македонската црква ќе требаше да одвојува сериозен процент од своите приходи за касата на СПЦ во Белград. Се разбира, Вартоломеј никогаш нема да дознае дека српските владици не жалат само за манастирите и за црквите во Македонија, кои тие ги сметаат за свои, туку, пред сѐ за парите што можеа да ги добијат доколку поминеше потпишаниот договор во Ниш. Според непотврдени информации, само од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, кој своевремено ѝ е вратен на СПЦ, владиката врањски Пахомие и централата во Белград годишно имаат повеќе од еден милион евра приход. Можете да замислите за колку пари се работи ако се пресметаат сите приходи на манастирите од таков ранг во Македонија, па макар и да се работи само за процент од приходите.
Патријархот константинополски нема да дознае ниту за бесот кај српските владици, кои го манифестираа откако во земјава заврши процесот на денационализација на верските имоти со кои и формално исчезна надежта дека дел од имотите што во минатото биле сметани за сопственост на СПЦ веќе не можат да бидат предмет на какви било трансакции или враќање како што потајно се надевале дел од српските владици.
Српските аргументи за Вартоломеј
Дел од тие што се консултирани при пишувањето на оваа колумна, а кои одлично го познаваат спорот меѓу двете цркви, укажуваат на внимателно читање на Нишкиот договор во контекст на проблемот со Грција, без притоа да посочат на што точно мислат. И, навистина, од првото читање на документот на кој свој потпис ставија владиците Петар , Наум и Тимотеј, како портпарол на МПЦ – ОА, дури и лаик веднаш може да го препознае ставот на СПЦ, тогаш преку нивниот потпис претставена од митрополитот црногорско-приморски Амфилохије, епископот нишки Иринеј, епископот бачки Иринеј и епископот врањски Пахомије.
Во Нишкиот договор ниту еднаш не се споменува името на Македонската православна црква или кратенката МПЦ. Во целиот текст постојано се употребува фразата „црквата за која станува збор“. Според договорот, СПЦ ги признава „постојните епархии на православната црква во Република Македонија“, но не ги прифаќа или именува како епархии на МПЦ со што директно оди на рака на Грчката црква, која не сака да чуе за Македонска црква.
Имајќи го ова предвид, јасна е целата слика зошто на одбележувањето на Миланскиот едикт, за неупатените, се случи целосно блокирање и покажување сила кон МПЦ – ОА и кон Македонија како држава. Јасно е и зошто во Ниш не беа ниту двајцата членови на Македонската академија на науките и на уметностите, кои во согласност со договорот на МАНУ со Српската академија на науките и на уметностите (САНУ) требаше да бидат гости на прославата во чест на миланскиот едикт. Поканите што беа најавени од Белград за академиците Цветан Грозданов и за неговата сопруга, професор Вера Битракова, од политичко-црковни причини никогаш не пристигнаа во Скопје. За разлика од досега коректниот однос на српските власти од различни провениенции, кои јавно ја прифатија реалноста за постоење македонска држава, нација и црква, српските владици сѐ уште не можат да се откажат од сонот во кој, макар индиректно, би владееле со, како што ги доживуваат, неосвестените „јужносрбијански“ верници на југ од Врање.
Што по Ниш?
Последните настани во родното место на последниот император што владеел со целата територија на Римското Царство се тешки за слушање доколку сте православен верник. Да бидете екскомуницирани од православната екумена иако никому ништо не се згрешиле е тешко да се прифати, но само ако не знаете дека во овој однос најмалку има вера, а најмногу политика, влијание, моќ, пари и човечка суета. Најдобриот одговор на МПЦ – ОА е трпение и подобрување на односот со своите верници како и почнување нови иницијативи со кои владиците ќе бидат предводници на општото духовно престројување што ѝ е потребно и на црквата, но и на Македонија.
Подавањето рака кон покајниците во редовите на Зоран Вранишковски и нивно враќање меѓу својот народ е другиот важен чекор што треба да го направи светиот синод на МПЦ – ОА. Христијанскиот пристап и прошката кон сите што згрешиле не ги прават послаби владиците и црквата, туку напротив. Се разбира, враќањето на „загубените чеда“ нема да биде лесно по сите лоши работи што се случија на релација МПЦ – групата. Примерот со свештеникот Атанасиј, кој пред неколку години сфати дека погрешил кога поради интересите на Српската православна црква и на Грчката православна црква и на неговиот ментор Вранишковски се свртел против своите и се врати во МПЦ е добар пример како во иднина треба да постапува Македонската црква во обидот да ја подобри својата позиција. Личната суета кај дел од владиците не смее да биде пречка за враќање на дел од покајниците од редовите на Вранишковски, особено што и на неговите најблиски соработници им е јасно дека и стопати Иринеј или Вартоломеј да кажат дека МПЦ – ОА е парацрква не можат да го поништат фактот дека Македонската православна црква со сите свои мани и доблести е столбот околу кој е формирана и сѐ уште се потпира македонската нација. А тие под плаштот на ирационалното канонско единство во православната екумена, кое не значи ништо ниту за обичниот верник ниту за црквата генерално, сѐ уште работат за туѓи интереси, против своите браќа и сестри. Како што им е јасно и дека евентуалното ослободување на Вранишковски, кое, според авторот на овие редови, треба да се случи колку што е можно побрзо, не може да промени ништо во односот на силите затоа што македонските православни верници колку и да имаат забелешки за своите владици, секогаш ќе застанат против тие што место македонски користат српски, грчки, или бугарски јазик во своите молитви во кои се молат за „своите“ Македонци.
Што е Милански едикт?
Миланскиот едикт претставува указ пропишан од страна на римските императори Лициниј и Константин Први Велики, со кој била прогласена верска рамноправност во империјата и било ставено крај на прогоните на христијаните, кои траеле околу три века. Указот бил издаден во денешно Милано.
По абдикцијата на Диоклецијан и на Максимијан во 305 година, за нови владетели биле прогласени Галериј и Констанциј Први Хлор. Галериј за цезар на источните провинции на империјата го назначил Максимијан Даја, а за цезар на Италија и на африканските провинции го назначил Флавиј Валериј Север. За првпат во 311 година Галериј издал едикт за прекратување на прогоните на христијаните, но починал по само неколку дена. На негово место застанале Лициниј и Константин како едни од најголемите поддржувачи на христијанството. Од друга страна, пак, застанале Максимин Деја и Максенциј, кои за краток период биле убиени, по што во Милано бил издаден овој едикт
Миланскиот едикт обезбедува рамноправност на верска основа, но, во исто време, и одредува враќање на одземените имоти каде што се среќавале христијаните, кои на почетокот на 4 век биле присутни во сите сфери на општествениот живот во стариот Рим. Многумина од нив заземале видни позиции во власта и затоа една од целите на едиктот била да се обезбеди изучувања на различни верски и филозофски учења со цел да се засили римската држава. Римскиот император Константин Први Велики, кој воедно е и последниот император што владеел со целата Римска Империја, во 313 година во Милано го потпишал документот, Миланскиот едикт е првиот документ што денес е основа за тоа што се нарекува верска толеранција. Прославата во чест на Миланскиот едикт се одржува во Србија затоа што се смета дека Константин Велики е роден меѓу 271 и 273 година во градот Наисус, денешен Ниш.
(објавено во 58. број на неделникот „Република“, 11.10.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.