Бракот е убавиот и свечен чин на крунисување на љубовта. Но, сѐ почесто доаѓа другиот момент, наречен развод. Траума, стрес, нервози, солзи… Се чини, жените потешко го преживуваат тој стрес. Статистиката вели дека мажите почесто се решаваат за втор брак, па дури и за трет, четврти… Државниот завод за статистика сѐ уште ги обработува податоците за 2012 година. Статистиката од 2011 година, пак, вели дека 1.206 мажи се решиле за втор брак. Иако најмалку двапати поминале низ стресот наречен развод, дури 98 мажи се решиле судбоносното„да“, иако за нив и не е баш судбоносно, да го кажат по трети, четврти, па и петтипат. Седумнаесет храбри младоженци од Скопје си се ветиле по третпат, а дури 24 јунаци доаѓаат од Гостивар. Интересно е што и мажите од Желино често се решаваат за трето, четврто или петто„да“ – шестмина во 2011 година. Следуваат Штип и Теарце со по четири, Тетово, Куманово, Струга, Липково, Врапчиште, Брвеница со по тројца храбри момци.
Интересен е податокотдека во Гостивар, каде што дваесет и четворица се решиле по којзнае кој пат да застанат на лудиот камен, само пет жени се решиле на истиот чекор. Во Желино односо тмажи-жени, кога е во прашање брак по повеќе од трет обид, е 6:0. Во Теарце, на пример, тој однос е 4:0, во Штип е 4:0, Струга и Липково се рече си изедначени 3:2, а во Тетово, Струмица, Брвеница , Куманово нема ниту една жена што се решила на таков чекор. Во 2011 година само 35 жени се решиле на брак по којзнае којпат, од кои 13 се од Скопје, главно од Шуто Оризари. На втор брак се решиле 1.016 жени, најголем дел од Скопје и од Гостивар
Како причина што жената поретко се решава на втор брак, освен стресот, се наведува и македонското општество. Традиционалното македонско општество жената по распаднатиот прв брак веднаш ја посочува, ја гледа како „обележана“, без разлика дали зад пропаднатиот брак постои една „јавна тајна“дека таа била жртва во таа заедница. Социјалниот притисок најчесто, ако не и секогаш, паѓа врз жената, дека таа е „виновната“, па дури и ако поранешниот пиел, ја тепал, или одел во туѓа постела- таа е виновна дека „не го скротила мажот“.
Мажот не знае да се грижи сам за себе
– Браковите, за жал, и тие што се венчале во црква, сѐ почесто се растураат. Затоа што не сакале да покажат смирение, поради нивната горделивост, поради тоа што секој сака да командува заборавајќи декаглава во куќата е мажот, а жената е подвластена на мажот. Не дека ѝ се одземени правата, таа има и поголеми права од мажот. Таа има поголеми права од мажот, ѝ давадуша на куќата, но од неа зависи иднината на Македонија. Јас тврдам дека жените или ќе ја спасат или ќе ја уништат нашата македонска нација и црква. Тоа што ќе се зачне во утробата на мајката треба да се роди затоа што само така ќе опстанеме и како нација народ и како држава и како црква. Абортусот е неприфатлив и треба да се ослободиме од зависта – рече владиката Петар.
Дека осудата од општеството е најголемата причина што жената не се решава на втор брак, смета и нашиот соговорник Стефан Наумовски, кој е еден од тие што се решиле на трета среќа.
-Во тој кош би ја сместил и изјавата на владиката. Колку и таа да наиде на осуда, влечејќи корен во традицијата, таа ќе влијае на потхранување и на продолжување на предрасудата. Од друга страна, сознанијата велат дека женската „голгота“ при излез од бракот е неколку кратно поголема од таа што ја поминува мажот, па и не е за изненадување воопшто и да не посакатаков вид врзување. Особено што најголемиот број жени го „трпи“ неуспешниот брак од социо-економска причина. Просто, жената тешко доаѓа до работа, особено ако има деца, нејзиното семејство не ретко не ја прифаќа „назад“, нема каде да се смести, а државата не нуди можности или тие се прескромни, да не речам полоши од условите од кои бега – вели нашиот соговорник.

Тој не ги заобиколува ниту децата, кои, најчесто, по разводот остануваат кај мајката. А, тоа создава два аспекта. Едниот е чисто психолошки, нешто што модерните феминистки го посочуваат, а тоа е дека жената- мајка е осознаена, реализирана и исполнета жена,која сега тешко би ја менувала својата независност и поради социјалната природа на потомството како „наложено“некому и компликациите што може да ги донесе.
-Вториот аспект повторно лежи во конзервативноста на општеството, мажите бегаат од одговорноста жално наречена „туѓо дете“. А, за мажите? Мажите, колку и да звучи просто, не се способни да се грижат за себе, го немаат тој социјален товар од обележаноста, а и да се има детешто е кај мајката не претставува мака за новата врска, но и да е дел од новото семејство, нели, тој треба да е „глава“ на семејството и приказната да почне „нов круг“– додава Наумовски.
Македонците сметаат дека полесно ќе најдеш жена што ќе сака да земе маж со дете отколку маж што ќе земе жена со дете. Некои, пак, велат дека причината што мажот полесно се решава за нов брак се еволуциски моменти, како деца, продолжување гени… Многумина од мажите и не го разбираат прашањето – зошто се реши за трет брак, од каде храброст. Тие велат, исто ти е и за прв, и за втор и за трет…
Развод поради различни желби за име на детето
Во Македонија луѓето сѐ помалку и сѐ потешко се решаваат на брак, а сѐ почесто се решаваат за развод. Во 2011 година биле прекинати 1.753 брака. Најчесто браковите „пукаат“ во зимските месеци, 183 во декември, 185 во ноември, 176 во февруари, 175 јануари. Причините се познати – младите живеат со стари и различните генерациски сфаќања и погледи прават караници, кои понекогаш доведуваат до тоа мажот, загубен во просторот, да се стави во одбрана на родителите. Не знае како да ја заштити сопругата, а притоа да не ги навреди родителите… Беспарица, конзервативни сфаќања, неверство, алкохолизам, семејно насилство…
Понекогаш причините се банални. Односно по низа несогласувања „пука“ на најбаналната работа. Крсте Маљановски, директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на градот Скопје, за „Дојче веле“ посочи дека биле поднесени барања за прекин на брачната заедница затоа што брачните партнери не можеле да се договорат за името на тукушто роденото дете. Тогаш Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје, во улога на старател на тоа дете од веќе разведен брак, бил задолжен да му даде име.

Сѐ треба да се мери
Лесно е да се растури нешто, тешко е да се задржи тоа што го има. Поголемброј од браковите што се распаднале, се распаднале во првите години од склучувањето. 352 жени на возраст од 35 до 39 години се решилена развод, 322 на возраст од 30 до 34 години, 261 на возраст од 25 до 29 години. Кај мажите 342 се развеле на возраст од 30 до 34 години, 340 на возраст од 25 до 29 години. Како да се задржи бракот?
-Бракот опстанува ако двајцата се свесни дека сѐ треба да се мери и дека треба да се избира од двете зла помалото. Јас не гледам некаква разлика меѓу годините поминати во врска и тие потоа во брак. Кога се избира од двете зла помалото значи дека ако му преречам што не го истрил тенџерето пред да го стави во машина, сигурно ќе се скараме и од тенџерето ќе стасаме до којзнае каде. Ако не му преречам и си го премијам, ќе си живееме среќно. Секако, ќе најдам начин кога нема да бидам нервозна, да му го кажам тоа на смеа. Уште една многу битна работа е семејството.Двајцата треба да бидатсвесни дека сега тие се семејство и дека треба да се заштитуваат, а не да тегнат кон своите родители. Ако ги следат овие две начела, нема да има за што да се караат.Другите работи се стандардни за секоја врска: компромис, доверба, договор… – вели 31-годишната Катерина, која е неколкугодини во брак.
Дека бракот опстанува преку дијалог и компромис се согласуваат поголем дел од тие што имаат, условно кажано, успешен брак. Но, не се согласуваат сите дека првите години се најкритични.
-Не се критични првите години. Критични се тие по првите три-четири години. Првите се најлесни, уште летаат пеперуги, но кога сѐ ќе влезе во рутина почнуваат и кризите – вели 35-годишниот Војдан.
Не ретки се и тие бракови, кои сѐ уште постојат на хартија, но не функционираат. Или брачните партнери се разделени, живеат одделно, комуницираат и се гледаат само поради децата, или, пак,живеат заедно, но секој со свој посебен живот.
Постарите, пак, сметаат дека денес младите се со „пократок фитиљ“ и дека еманципацијата и зголемувањето на правата на жената се главните причини за развод.
-Мислите мене ми течеле мед и млеко? Ни најмалку. Се знаело кој е глава во домот. Сум видела и убаво и мака. Караници имало, и нормално е да има. Проблемот е како најлесно и најбезболно да се реши проблемот. Денес младите се научиле за секоја караница да се закануваат со развод, жената да отиде кај родителите, па да се тегнат наваму натаму. Порано домашните проблеми останувале и се решавале во домот – вели 65-годишната Драгица.
По педесет години брак, една брачна двојка вели:
-Денес младите тешко го задржуваат бракот. И ние имавме многу проблеми, но, сепак, ги надминувавме. Секогаш им кажувам на моите ќерки и внуци дека љубовта е едно, а бракот е друга работа. Кога сте двојка имате време повеќе за вас во смисла на дружба и шетање и тоа е љубов, но кога ќе стапите во брако бврските се поголеми, особено кога ќе се родат дечиња, мора да се почитуваат постарите и родителите. Момчето го сакаш, а треба и неговитеродители, бидејќи таа станува втора мајка, и да имаш почит спрема неа. Само така ќе живеете во слога. Но, вредностите порано беа поголеми. Сега младите сѐ помалку имаа тморални вредности, не им се докажува. Јас се трудев добро да ги воспитам моите деца.Кога одевме со сопругот на работа им кажувавме на децата кои обврски да ги завршат и тие тоа и го правеа. Или кога немавме пари тие го разбираа тоа. А, сега повеќето не се такви, гледаат многу на материјалната страна.

Секоја десетта двојка глуми среќен брак
Во светот, ни бракотвеќе не е тоа што беше. Оваа институција долго време губи на својата вредност од минатото. Статистиката спроведена воСАД и во Велика Британија јасноговори за фактот дека секоја десетта двојка глуми среќен брак пред своите деца. На двојките веќе не им е важна толку нивната среќа, колкусреќата на нивните деца. Но,малкумина од нив знаат дека со таквиот чин создаваат лоша слика за бракот и за родителството пред малите деца. Децата се ранливи суштества и тие уште од рана возраст ќе имаат погрешна перцепција за среќен брак и живот. Половина од браковите што се склучени денес опстојуваат само поради децата, а една третина од двојките го одложуваат разводот додека децата не навршат 18 години.
Сите психолози и социјални работници,според многуте искуства, тврдат дека за едно дете секогаше подобро да живее со разведени родители, отколку половина од свој живот да биде користено и манипулирано како предмет од родителите. Многу побезболно за сите е добар развод, отколку лош брак.
Пишува: Билјана Зафирова
(Објавено во 36. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


