
Од МKФ известуваат дека пристигнувањето на Лестер Бо Мекејлеб во договор со селекторот Алеш Пипан е поместено за в понеделник. Македонскиот плејмејкер побарал уште дополнителни два дена за приватни обврски и во договор со раководството на репрезентацијата, терминот на неговото приклучување на репрезентацијата е поместен од 1 на 4 август. Репрезентацијата се подготвува за Европското првенство во Словенија кое стартува на 4 септември.
Македонската репрезентација веќе неколку дена тренира во Kрањска Гора. Селекторот Пипан вели дека подготовките се одвиваат во најдобар ред.
– Работиме на физички план. Од тренинг во тренинг ја поставуваме играта и тактиката. Атмосферата е одлична, сите играчи се залагаат максимално и задоволен сум од нивниот ангажман и од посветеноста на тренинзите – изјави Пипан.
Здравствениот билтен на репрезентативците е добар со исклучок на Дарко Соколов кој работи со намален интензитет поради повредата на глуждот, како и Ѓорѓи Чековски, кој чувствува болката во ципите, на што се пожали на почетокот од подготовките, но тој активно партиципира во тренинзите.
Македонската репрезентација до утре останува на Kрањска Гора, а потоа од понеделник се сели во Хрватска, каде што на 6 и на 7 август ќе одигра две контролни средби со домашната селекција. Потоа кошаркарите се враќаат во Скопје.
До крајот не подготовките ќе се изиграат уште неколку тест-средби. Литванија ќе гостува во Скопје на 17 август во натпревар со кој ќе биде одбележан 20-годишниот јубилеј на националниот тим. Против Шпанија, Македонија како гостин ќе одигра две средби на 19 и на 20 август, а потоа во периодот од 23 до 25 август на турнирот во Франкфурт за противници ќе ги имаат Босна и Херцеговина, Грција и Германија. Репрезентацијата во Словенија е предвидено да замине на 2 септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


