| четврток, 6 декември 2018 |

Лино Червар најавува разделба со Металург

Хрватскиот ракометен стратег Лино Червар најавува враќање во Хрватска и разделба со Металург по завршување на сезоната што е на повидок. Во интервју за хрватскиот портал „24 часа“ Червар вели дека за краток период ќе си замине од Скопје.

– Дома сум во Умаг на одмор, а наскоро се враќам во Македонија да продолжам со проектот во Металург. Тоа ќе заврши наскоро бидејќи им најавив дека уште краток период ќе бидам во Скопје. Основната мисија таму е завршена, бидејќи ги поставивме темелите за раст на клубот – вели Червар.

Со него Металург стана признат и познат европски клуб, што направи и историски чекор со пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

– Кога дојдов, веднаш забележав дека младинската школа на Металург не функционира најдобро. Репрезентацијата на Македонија беше составена од постари ракометари, а и тимот на Металург беше во слична ситуација. Работевме на подмладување на екипата, на подобрување на младинската Академија и резултатите се познати. Ланската сезона игравме во четврт-финалето на Лигата на шампионите и бевме третата најгледана екипа во Европа. За речсиси секој меч билетите се продаваа за половина час. Создадовме и големо ривалство со Вардар, и тоа е единственото право ракометно дерби на Балканот. И за крај почнавме со поголем интензитет да ги вклучуваме младинците на Мателург во сениорскиот состав – додава Червар.

Тој признава дека Металург имал контакти со Ивано Балиќ и сакале да го ангажираат, но плејмејкерот на хрватската репрезентација е прескап за можностоте на клубот.

За играч од таква класа треба да се плати висока сума пари. Металург не може да ги обезбеди иако сакавме да го ангажираме. Иако ни е ривал, ако Вардар успее да го ангажира, тоа ќе биде одличен потег. Балиќ ќе им дојде како ас на десетка – изјави Червар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top