Седумдесет патника попладнево останале без својот багаж. Тие летале со албанската авиокомпанија „Бел ер“ која сообраќа преку аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, на релација Скопје-Рим. Според патниците, картите ги купиле на пултот на „Бел ер“ на аеродромот на ТАВ во Скопје и уредно го пријавиле својот багаж. Кога слетале во Рим, им било соопштено дека багажот воопшто не бил натоварен во нивниот авион. Револтирани, се обратиле до компанијата. Оттаму ги известиле дека багажот ќе го добијат во вторник или среда, откако ќе се утврди во кој авион бил натоварен во Скопје и во кој правец отпатувале торбите. Сите 70 патници имаат различни аранжмани. Некои од нив остануваат во Рим, други ќе шетаат низ Италија, а трети само транзитираат кон други дестинации. Ова значи дека судбината на нивните торби е неизвесна. „Бел ер“ е албанска компанија која доби дозвола за евтини летови преку скопскиот аеродром „Александар Велики“. Од ТАВ засега немаме никаква информација за овој голем пропуст. Меѓународните правила во авиосообраќајот налагаат дека авиокомпанијата е должна да им обезбеди основни намирници на патниците доколку не по нивна вина останале без багажот повеќе од 6 часа на дестинацијата на која слетале. Доколку, пак, патниците не се виновни што ќе го пропуштат следниот лет поради пропуст на авиокомпанијата, таа е должна да им обезбеди и сместување и рефундирање на 80% од просечните дневни трошоци за храна и сместување во земјата во која се наоѓаат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.