| четврток, 6 декември 2018 |

ХАОС

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Хаосот е одлика на нашите дни. Тој е секаде наоколу и просто е невозможно со нашите резистентни механизми да го спречиме неговото продирање во нас. Така тој навлегува во нашата душа како некаква поплава од немир, која се шири по нашата нерватура, по нашата осетливост и не прави почувствителни и позагрижени од кога било досега.

Хаосот е глобална појава, тој е општа планетарна прокоба и никој не може да му одолее. За ваквата состојба има многу претпоставки и индиции. Тие одат од најевидентните, најегзотеричните, до оние најсуптилните и најезотеричните од кои и впрочем најтешко можеме да се ослободиме и кои најдлабоко го погодуваат нашето битие.

Основната претпоставка за ескалација на олку големата магнитуда на хаосот е недостигот, би рекол страшниот недостиг од хармонија, емпатија и заемно почитување во светот. Глобалните енергии кои треба да ја балансираат хармонијата во светот се драстично нарушени, и од оваа страшна дискрепанција помеѓу силите на потребите и силите на можностите создаваат еден огромен ентрописки простор кој дејствува како жив песок во однос на одржливата и пристојна егзистенција. Ова е една голема криза, една општочовечка, планетарна криза која станува морбидно секојдневие за милијарди луѓе.

Сиромашните, а ги има многу поради големата несразмерност на поделбата на светското богатство, влегуваат во ужасна невротична трка за да ги намират своите потреби кои катадневно растат и го оддалечуваат проектираниот баланс сѐ повеќе и повеќе, создавајќи неподнослив стрес кој полека, но сигурно се излева во нескротлив бес, а често и во несогледлив очај, додека богатите вегетираат во своите златни кафези во кои се задушуваат од материјалните изобилства, а душите, пак, им се како суви пустини, опустошени од ноторниот недостиг од љубов кој произлегува од општата среќа, што веќе исчезнала од нивните светогледи, а на нејзино место се всадило едно ужасно и неподносливо чувство на вина.

Од друга страна, секој обид да се разбијат овие ѕидови на алиенација меѓу класите кои сѐ повеќе се раслојуваат и антагонизираат води во едно ужасно неразбирање и можна пропаст од типот – добрите намери се пат до пеколот, како што тоа многупати досега ни беше претставено во искуството на животот и мудроста на историјата.

Исто така, и големата планетарна транзиција ги вознемирува масите луѓе што како планктон во морето брануваат во безредието на новите состојби. Довчерашните управувачи со планетарните афери ги загубија своите економски моќи, а со тоа отиде и политичката моќ, која е секогаш предуслов за остварувањето на волјата на оној кој владее. Без консеквентна волја овие елити стануваат крајно вознемирени и паѓаат во стапицата на една голема и неподнослива параноја, чиј крај никако да дојде. Затоа нивните проекции стануваат сѐ поагресивни, а плановите кои треба да се спроведат за да се реставрира нивниот пиедестал на моќ сѐ повеќе заговараат милитарни решенија. Впрочем веќе одамна се зборува за нова светска војна, чиј епицентар би се одвивал токму во пацифичкиот регион, место каде што се судираат главните вектори на силите на новите промени во светот.

Засега оваа војна сѐ уште е со низок интензитет, значи сѐ уште се користат потенцијалите на тајните служби кои предизвикуваат масовни бунтови и револуции, како што беше Арапската пролет, на пример, или војната во Сирија, протестите во Турција или во Бразил, но наскоро овие зафати нема да бидат доволно силни механизми за политички промени во одредените региони од интерес, а ова значи дека во игра ќе влезат далеку погруби и поотворени методи на провокација.

Пунктови за повод за интервенција има многу на нашата планета. Тоа се сите оние невралгични места кои зрачат со голем квантум на нерешени територијални или политички спорови, места во кои веќе оддамна се водат конфликти со променлив интензитет и точки на политичката мапа на светот кои со децении, па и векови носат аура на нерешливост и непомирливост меѓу протагонистите.

Од друга страна, оние општества кои доживуваат економски раст, исто така, се ставени во амбиентот на висок стрес. Да се одржи просперитетот, да се одолее на новите неочекувани предизвици кои наглите промени ги носат и, кои создаваат незадоволство кај одредени слоеви во општеството, кои себеси се гледаат како неуспешни или жртви на прогресот, недостигот од очекуваниот развиток на демократијата и растењето на граѓанските слободи или, пак, извесните проекции за веќе традиционалните очекувања за одредени културни и етнички автономии. На крајот тука се и постојаните закани од оние кои ги загубија големите пари во беспоштедната и лошо проценета војна на економиите по пропаѓањето на биполарниот свет и, глобалното, планетарно воведување на либералниот капитализам кој им излезе од контрола токму на оние сили што го внесоа на глобалната сцена.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top