| четврток, 6 декември 2018 |

„Хамлет во пикантен сос“ вечерва премиерно на „Охридско лето“

Премиерата на новата претстава на Театар Комедија, „Хамлет во пикантен сос“, вечерва ќе биде изведена во рамки на „Охридско лето“ во предворјето на основното училиште „Свети Климент Охридски“ со почеток во 21 часот.

Комедијата е режирана од Александра Крдалевска, а е инспирирана од карневалската книжевност при што нуди сочни, скокотливи и зајадливи моменти за да ја насмеат публиката. Дејството се одвива во кујната на еден дворец каде главниот готвач прави сплетки и на тој начин ја креира шекспировата драма.

За претставата која премиерно ќе ја видиме во Охрид, Александра вели:

-Дејството е сместено во кујната на дворецот Елсинор каде главниот готвач и неговата свита ја готват приказната за пропаста на кралското семејство од шекспировиот Хамлет, но овој пат, фабулата е гарнирана со духовити ситуации и возбудливи ликови. Претставата, во духот на карневалската книжевност, ја слави обновата или цикличниот тек на природата, создавајќи амбивалентен однос кон животот, храната и смртта.

Во претставата настапува ансамблот на Театар комедија. Тоа се млади и креативни актери.

-Oсобено сум среќна што имав прилика да работам со актери и креативни соработници, полни со свежи идеи и ентузијазам. Во претставата играат: Крсте Јовановски, Зорица Стојановска, Јелена Жугиќ, Атанас Атанасовски, Кристина Ласовска, Жарко Димоски, Тино Костадиновски, Роберт Ристов, Тања Мицков, Ердоган Максут, Илија Илиоски, вели Кардалевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top