| четврток, 6 декември 2018 |

Тамара Георгиевска, СДВ: Има македонски компании кои се свесни дека мора да имаат добар дизајн за своите производи

Синоќа  во Центарот за дизјан и иновации „Јавна соба“ беше отворена осмата Недела на дизајн во Скопје која ќе трае до недела, 25 ноември. Изложби, интересни дијазни, одлична музика и храна, разговори, размена на искуства – сето тоа го нуди најпопуларната платформа за афирмација на културните и креативни индустрии која своите почеточци ги имаше во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан. Подоцна, кога се формираше Центарот за дизајн и иновации, настанот по кој Скопје стана познат, се префрли во „Јавна соба“.

Годинешното издание на Недела на дизајнот во Скопје (СДВ) е дело на „Јавна соба“ – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија. Активностите се реализираат во „Јавна соба“ и „Лукс’ секој ден од 10:00 до 01:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.

Сиве овие години на постоење на СДВ екипата која го работи Фестивалот се обидува да ги донесе на едно место креативците од Балканот и од Европа кои може да бидат потенцијални соработници на македонските дизајнери. Впечатокот на странците е дека во Македонија има креативни луѓе, но дека не знаат да се здружат и да соработуваат за крајната цел – да се продаде производот.

Впечатокот е мошне реален. А со своето постоење СДВ цели токму кон тоа – да ги донесе дизаjнерите на исто место, да ги запознае со колеги од Балканот и Европа кои исто така можат да бидат потенцијални соработници. Но секако, на крај на денот се зависи од нив самите и од тоа колку се свесни дека буквално никој сам како единка не може да успее – вели Тамара Георгиевска, проект-менаџер на СДВ.

Искуството на Георгиевска вели дека може да се говори за постоење на македонски дизајн, но, има некои работи кои се дискутабилни.

Со оглед на тоа дека постојат голем број на луѓе кои нешто создаваат – одговорот е секако да, македонскиот дизајн постои. Но, нивото, квалитетот , иновативноста, продуктвноста и некои други останати компоненти, се малку повеќе дискутабилни. Но тоа би го оставила за разговор во некоја друга прилика.  Постојат компании кои станаа свесни дека дизајнот некогаш навистина е пресуден за продажба на произдоводот, но и такви кои, за жал, се уште не се свесни. Навистина не би можеле да генерализираме по ова прашање. Одговорот произлегува од тоа дали се присутни на странски пазари или не, бидејќи за жал естетиката и потребите на луѓето кои живеат надвор од нашите граници ‘диктираат други правила’ кои за да се успее како бизнис мора да се следат – вели Георгиевска.

Германија е  годинешна земја во фокус и ќе се претстави со 12 светски познати дизајн-студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.

Меѓународната изложба ЕКСПО  годинава ја сочинуваат 8 компании од Македонија, 15 млади дизајнери од регионот и две академии за дизајн од Белград со прототипови од маси, столови, штендери, клуб-маси, осветлување, фотелји, радијатори, декоративни елементи и сл.

Годинешната тема „Објективност“ е обид да се разбие заблудата дека еден производ треба да има само атрактивна форма за да може да се изложи и продаде.

Посетителите не смеат ништо да пропуштат на годинешниот СДВ. Покрај изложбите имаме навистина убави презентации на дизајнерите кои ни доаѓаат од Германија, работилница која на младите професионалци ќе им биде навистина од корист, детски работилници на кои верувам дека најмалите супер ќе се забавуваат и ќе научат повеќе. Покрај тоа имаме и одлилна музичка програма која е комбинација на концерти на музичари од регионот и настапи на македонски дџ-и; и како новитет од оваа година ни се “ Culinary talks” каде ќе готивиме на отворено со Марк де Јонг, Марта Марковска, Ирена Ристиќ и тимот на Фешн викенд, што е пак одлична можност за за пријатно дружење со колеги и како и вмрежување со нови луѓе. Мислам дека секој еден поединец кој е професионално определен во полето на дизајнот или има афинитет кон него, следниве четири дена треба да си ги резервира за СДВ – смета Георгиевска.

Овие осум години СДВ се етаблираше како најпопуларна платформа за афирмација на културните и креативни индустрии.

Тоа ни го потврдува огромниот интерес на дизајнерите од целиот Балкан да изложуваат кај нас, а и да не посетат за време на фестивалот. На овогодинешното издание имаме 15 дизајнери и брендови од Балканскиот регион – вели Георгиевска.

Александар Велиновски, директорот на СДВ најави дека следната година би сакал да биде само гостин, а помладите колеги да го преземат водството на Фестивалот. Тоа значи дека во изминатиот период се направи тим кој може да го продолжи она што го почна СДВ пред осум години.

Како што расте самиот фестивал и неговата програма, расте и потребата за поголем тим кој сето тоа фино ќе го рализира. Дел од екипата е иста низ овие осум години кои минуваат, но би сакале да ја прошириме за да бидеме уште подобри. А гледано од организациски аспект осумгодишното искуство навистина ги прави нештата полесни, како би можеле одлично да функционираме и со помлади генерации зад сето она што значи организирање фестивал и што претходи на ова што се случува денес – завршува Георгисвска.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top