| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Велиновски: Подмладениот состав на СДВ е со многу рафиниран вкус и изградени критериуми

Шестата Скопска недела на дизајн (Skopje Design Week) почна синоќа и ќе трае до 27 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ под мотото „Blooming Makers“. Целта на одржувањето на СДВ е да се поддржат локалните дизајнери во освојувањето на регионалниот и интернационалниот пазар и да ги охрабрат за повидливо присуство на домашниот пазар.

Фокусот ќе биде ставен на главната изложба на која се претставуваат 18, главно, млади дизајнери и дизајнерски студија кои, како што најавија организаторите, храбро, мудро и креативно се борат за своето место на пазарот.

Оваа година СДВ е со нова, женска свежа енергија, најави Александар Велиновски, директорот на „Јавна соба“ – Центарот за дизајн и иновации каде што се одржува втора година по ред СДВ и директор на Неделата на дизајн во Скопје.

– Овогодишниот тим на СДВ бил дел од минатите изданија на фестивалот, но сега е доволно зрел да може да ја понесе и одговорност и да чекори самостојно. Многу е добро што го сакаат фестивалот и веруваат во него – вели во интервју за „Република“ Велиновски.

Што очекувате да донесе новата женска енергија во годишнешното издание на Неделата на дизајнот во Скопје?

ВЕЛИНОВСКИ: Ја гледам таа женска енергија многу јасно сега кога сѐ е наместено и спремно за судир со публиката, а истата енергија ја почуствувавме од самиот почеток, ја препознав и ја мотивирав. Се работи за женска современа естетика и педантност во работењето. Подмладениот состав на  СДВ е со многу рафиниран вкус и веќе  цврсто изградени критериуми. Овогодишниот тим на СДВ бил дел од минатите изданија на фестивалот, но сега е доволно зрел да може да ја понесе и одговорност и да чекори самостојно. Многу е добро што го сакаат фестивалот и веруваат во него.

Дали во годинешните изложувачи на СДВ има дизајнери кои првпат почнале да ги развиваат своите идеи на некои од поранешните изданија на СДВ а денес настапуваат самостојно?

ВЕЛИНОВСКИ: Има и такви случаи меѓу овогодинешните изложувачи. Бранка Данчевска која што била дел од работилниците на СДВ,  сега се појавува во една здружена форма под брендот „Форми“. Кирче Стојоски е дел од најголемата работилница за дизајн на мебел на „Јавна соба“ во 2013 година,  и оттоггаш па наваму секоја година настапува самостојно под сопствен бренд.  Овие брендови како и многу  други се наша гордост, многу се радувам кога говорам за нив, тоа се деца на СДВ, тоа се генерации со кои цела нација ќе се гордее!

unnamed-4

Кога ќе погледнете позади себе сиве овие шест години сте директор на СДВ и во непосреден контакт со сите дизајнери, дали може да кажете дека постои македонски дизајн?

ВЕЛИНОВСКИ: Во 2011 година кога започнавме со СДВ јавно изјавив, дека кога логото на фестивалот ќе биде 11:30 часот ( како што е оваа година) ќе почнеме да зборуваме за македонски дизајн. За појаснување за читателите СДВ започна со логото 11:55ч. и саатот секоја година се враќа назад – го враќа времето кое ни е потебно за развој на дизајнот за да одиме напред. Искрено, постои македонски дизајн, поконкретно македоснки продукт дизајн. Јас како директор на „Јавна соба“ – дизајн центар го гледам тоа, бидејќи секојдневно се судрувам со истиот. Луѓето се уште не го препознаваат бидејќи не е масовно застапен. Побарувањето за дизајн производи е се уште на многу ниско ниво, а тоа доаѓа од степенот на образование на пазарот. Под образование мислам на дизајн образование, кое ние, дизајн фелата, треба да го имплементираме. Но, тоа е долг процес, како и секое формално или неформално образование.

Што е она што посетителите не смеат да го пропуштат на годинешниот СДВ?

ВЕЛИНОВСКИ: Оваа година на женското издание на СДВ не смее да се пропушти буквално ништо. Свежи, нови идеи, одлични презентации. Изложбите се врвни, и како поедини предмети и како целокупна поставка во простор. Предавањата се исклучително корисни за деловниот свет, производителите и дизјанери. За работилниците можам да говорам откако ќе ги видиме резултатите. Музичката програма никој пат не била подобра, врвни бендови и ди-џеи од целиот регион. Ќе има кулинарски перформаси и детски креативни работилници.

Што е новитет оваа година?

ВЕЛИНОВСКИ: Оваа година воведени се наградите за најдобар студенски производ, најдобар млад бренд и најдобра изложба. Со ова се надеваме дека ќе се даде посилен ветар во грбот на компаниите и дизајн заедницата.

Дали веќе го подготвувате следното издание на СДВ? 

ВЕЛИНОВСКИ: Рано е се уште! Потребно е да  се направи добра анализа  на сработеното, па се оди понатаму.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top