| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Стефан Димовски во галеријата на МКЦ

На 19.11.2018 (понеделник) во 20часот ќе биде отворена самостојна изложба на Стефан Димовски во галерискиот простор на МКЦ . На изложбата авторот ќе се претстави со 30-тина дела во комбинирана техника.
Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим) – MDS CATALOGO INTRNAZIONALE D`ARTE MODERNA no.11 (EDITRICE D`ARTE CIDA ROMA 2010/2011). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. (FOIRES AUX CRОUTES DES PEINTRES ET DES AQUARELLISTES – Saint Raphael, France 2011). Во 2011 година исто така добива втора награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање, во организација на ПАКОМАК. Во 2015 година станува член на ДЛУМ, и учествува на сите изложби во организација на ДЛУМ во Р.Македонија како и во странство. Во 2017 добива награда “ЗЛАТНА ЧЕТКА” од ДЛУМ на МиниАРТура во НЛБ галерија. Во 2018 година заедно со Ангел Димовски Чауш, Трајче Чатмов и Љупчо Илиевски ја претствува Македонија на WORLD ART DUBAI во организација на Matchboox gallery Skopje, каде што истата галерија е номинира во 10 најдобри галерии во конкуренција од 42 галерии и 157 уметници..
Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел).

Акварелот нуди големи можности за експериментирање и како ликовен израз од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и познавање на техниката. Токму сето ова е присутно во творештвото на Стефан Димовски.
Дора Андова Фотева

Стефан со неговиот талент иницира нов почеток со особена посебност во сликарскиот јазик, акварели автентично, маестрално и лефтерно изведени со акварелната сликарска четка, ни наговестува голем мајстор во доменот на акварелот.
Милош II Коџоман

Потребата за себенадградување го довела Стефан Димовски да експериментира со можности на акварелот и градирање на изразот со употреба на други ликовни техники, како што се колажирањето, пастелот, акрилик па и сликањето на акварел на сликарско платно со што ги проширува хоризонтите за класично примање и перцепција на акварелот.
Горанчо Ѓеорѓиевски

Во својата рефлексија на пресозадaвањето Стефан Димовски имплицира повеќе аспекти на реинтерпретацијата на појавната стварност. Поместувајќи ги границите на самодопадливоста, неговиот експеримент во потрагата добива продлчабоченост во повеќезначноста на оркестрираната симболика.
Виолета Калиќ

Како галерија која што настојува да ги приближи современите македонски уметници до светската ликовна сцена, почетоците на МАТСНВООХ галеријата за современа уметност се нераскинливо поврзани со уметноста на Стефан Димовски.
Настојувајќи да промовираме нов, неконвенционален пристап и поинаков пристап кон претставувањето на уметноста, се создаде природна врска меѓу нас и неговиот поглед кон современието. Духот, храброста и свежината и експериментот во делата на Стефан Димовски и нашиот концепт за отворање на нови перспективи, резултираше со нашата премиерна соработка и изложбата на делата на Димовски на светскиот саем на уметност во Дубаи, кој се одржа во април 2018. Неколкуте дела изложени на саемот предизвикаа интерес кај публиката чии сензации од средбата со делата на Стефан во комибинирани техники, беа причина повеќе да одлучиме да ги претставуваме делата на Димовски и на неколку други европски саеми за современа уметност во текот на 2019 година. Без двојба дека перспективата пред уметничкиот патос на Димовски е од светски карактер можеме да ја изразиме почитта и задоволството од можноста да застапуваме и промовираме уметник од рангот на Стефан Димовски.
Matchboox gallery

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top