| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на фотографии под наслов „Во моите чевли“ во „Мала станица“

На 17-ти ноември (сабота), 2018 г., во Национална галерија на Р.М. – „Мала станица„ (19:00 ч.), ќе се отвори изложба на модни фотографии, како завршна фаза од проектот со наслов „Во моите чевли“.

Проектот имаше за цел да ги истражи потребите на лица со попрeчен вид, церебрална парализа, телесна попреченост и Даунов синдром, при процесот на селекција и купување на облека. Посетителите на овој настан ќе имаат можност да се запознаат со индивидуалните потреби на секој од учесниците и различни начини како може да се воведат нови инклузивни решенија во текстилната индустрија во Македонија, со фокус на малопродажните канали.

„Инспирацијата за создавање на овој проект дојде од предизвикот со кој се соочуваат лицата со попреченост во процесот на селекција, купување и користење на облеката, времeто кое им е потребно да се облечат и подготват наутро, помошта која им е неопходна за селекција на облеката или облекување на истата, информациите за одржување на облеката, постојаната потреба за корекција и адаптација на облеката, како мал дел од предизвиците на лицата со попреченост.„ – велат авторите на проектот: Маја Ѓуреска (моден дизајнер), Антонија Гугинска Јорданова (моден дизајнер) и Росица Колева (специјален едукатор).

Благодарение на професионалноста и соработката на учесниците: Јулијана Петковска, Никола Колев, Ема Ананиевска, Игор Петров и Искра Донева, како и соработниците и поддржувачите на овој проект: Fashion Group – Скопје, Музеј на современа уметност, Елена Бојаџиева (автор на фотографија), Мартина Димовска (комуникации), Гораст Цветковски, Ирена Сенокозлиоска (шминка), Јована Соколоски (фризура), Винарија Картал, Винарија Камник, Пивара – Скопје и сите останати пријатели, овој проект во сабота ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани. Изложбата ќе биде поставена за посетители до 20-ти ноември, 2018 г., а влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top