На 14 ноември (среда), во Музеј на град Скопје ќе се отвори изложба на Милена Атанасова насловена Ослободување.
Станува збор за мултимедијален проект во којшто авторката низ танц, видео и музика, ја раскажува својата интимна приказна којашто опфаќа три клучни периоди од нејзиниот живот, своевидна coming-of-age исповед во којашто се испреплетени различни емотивни состојби кои флуктуираат и еруптираат во катарзично крешендо.
Поттикната од љубовта кон танцот, музиката и визуелните уметности, авторката се впушти во проект којшто претставува сублимат на нејзините долгогодишни преокупации и афинитети, своевидно заокружување на нејзиното авторско кредо но пред се’, психотерапевтско, спиритуално патешествие со коешто затвора специфично поглавје од своето битисување
Сосема е разбирливо што Атанасова го одбира танцот, нејзина стара љубов, како главно изразно средство – една од најстарите алатки за комуникација, чиј универзален јазик ги разбива националните, верските и расните бариери; идеален медиум за изразување на нејзините комплексни, противречни емоции исполнети со психо-физичко насилство, тортура, страв, несигурност, фрустрации, отсуство на самодоверба, инхибиции но и љубов, радост, креација, емпатија, надеж…
Милена Атанасова е родена во Кавадарци, 1985 година. Дипломирала на фиорентинската академија за уметност и дизајн ‘Accademia Italiana’, отсек моден дизајн, 2009.
Оттогаш активно работи како моден дизајнер, моден илустратор, костимограф и стилист.
Во 2011та година го основа својот моден бренд ‘atami’.
Изложувала на модни ревии, саеми за мода и сл. земјава и во странство.
Зад себе има повеќе колекции, проекти, филмови и реклами, фото-едиторијали, колаборации со повеќе артисти, меѓу нив: Емилија Мишева (Em.Ellephantski), Игор Јосифов, Милчо Манчевски, Атанас Ботев, Ана Јакимска, Дина Дума, Бранко Костевски, Неда Дамчевска, ‘[0.10]error of harmony’, Ивана Коцевска, и други.
2018та заедно со Емилија Мишева и Илија Стефановски ја основа концептуалната продавница ‘error kolektiv’ поддржувајќи и промовирајќи македонски дизајн и уметност.
Дел е од новиот моден проект ‘И?’, заедно со колегите Никола Каракашов и Стефанија Насеска Попадинец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.