| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Станимир Неделковски во Музеј на град Скопје

Во Музеј на град Скопје ќе биде отворена изложба на дела од Станимир Неделковски / Регистратура: актуелни состојби – инакви значења. Изложбата ќе се отвори во понеделник, (12. 11. 2018) во 20:00 часот.

Изложба на 50 фотографии кои за тема ја имаат состојбата на јавните споменици и спомен обележја кои обележуваат настани, личности и места поврзани со НОБ и работничкото движење во Скопје, подигнати во периодот 1945 – 1990.

Намерата е критички да се разгледа состојбата на овие споменици и да се презентира возбудлив фотографски есеј за нив.

Епохата на Втората светска војна за нас, заедно со годините непосредно пред и по неа, дефинирана со релативно автохтоната народноослободителна војна на страната на антифашистичката коалиција, создавањето на државноправниот ентитет – Македонија (федерална единка во новата социјалистичка Југославија) и конституирањето на целосно заокружен национален ентитет – Македонци, недвосмислено претставува најзначаен НАСТАН во целокупната историја на нашиот народ. Таа е стожерен пункт што ја одредува нашата сегашност и иднина.

Намерата на проектот на Станимир Неделковски, „Регистратура: актуелни состојби – инакви значења“ е да направи збирна претстава за тоа во каква состојба се наоѓаат спомениците од овој период во Скопје и кое е нивното претпоставено значење во новото просторно, но и општествено опкружување или, со фотографски речник, да документира она што се наоѓа пред него и таквата документација да ја презентира на јавноста. Местото на презентацијата и каталогот на проектот го формираат одделот Регистратура кој треба да ја меморира и индексира нашата актуелна општествена состојба.

Особеност на фотографскиот пристап на Неделковски во реализацијата на неговите фотографски проекти е определен со неекспресивен пристап кон мотивот што го интересира. Тој нему му пристапува во некаков првичен однос, во некаква фронталност која сака да го сведе на некаков соодветен идеограмски знак за самиот него. Тој на објектот му приоѓа со намера да го слика „како за лична карта“. Да го регистрира во неговата легитимациска особеност.

Фотографиите на Неделковски имаат „тивки“ толкувачки потреби. Тие упатуваат, навестуваат, покажуваат, гледаат кон нешто што е пред нив. Во тој и таков однос е веројатно нивната сила да траат како фотографски документ за времето за кое сведочат. Тоа се фотографии што на гледачот му нудат активен однос со она што на тие фотографии може да се види. Тој со нив мора да стапи во некаква толкувачка релација.

Станимир Неделковски – Станко е роден на 2 мај 1969 г. во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Оддел за филмска и ТВ камера, во 2012 г., а магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2015 г.

Самостојни изложби

2001 Скопје, Фотороман за една изложба, Музеј на град Скопје (ОГС)

2004 Скопје, Скопје – денес како некогаш, Музеј на град Скопје

2007 Сараево, Скопје- денес како …, Сараевска зима

2011 Скопје, Разменување погледи, Музеј на град Скопје

2014 Скопје, Како за првпат, Музеј на град Скопје

2015 Скопје, Поинаков простор, поинаков поглед, Галерија на ФЛУ

2018 Скопје, Регистратура: актуелни состојби – инакви значења

Поважни групни изложби

1995 Струга, Меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мостови“

1996 Скопје, Меѓународна изложба на уметнички фотографии „Фотомедија“

1998 Скопје, Меѓународна изложба на уметнички фотографии „Фотомедија“

2002 Скопје, Големото врамување, Музеј на современата уметност

2011 Скопје, Невидливиот пејзаж, Музеј на современата уметност

2011 Марибор, Република Словенија, „Македонски фотографии“ Галерија Столп

2011 Софија, Република Бугарија, „Невидливиот пејзаж“, Културен центар на Република Македонија

2017 Скопје, Линеарен цртеж, Музеј на современата уметност

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top