Честитки за фудбалерите за ангажманот и борбеноста, тоа е дел од изјавата на тренерот на Вардар, Благоја Милевски, по дебаклот со Стеауа во Букурешт.
Каков ангажман и каква борбеност видоа од стручниот штаб на Вардар, на чело со шефот, не им е јасно на сите што го гледаа вечерашниот натпревар, кој заврши со победа на Стеауа од 3-0. И тоа изразена со многу мала разлика во голови, во однос на прикажаното на теренот.
Иако немаше пренос на ниту една македонска телевизија, сепак дуелот се следеше со внимание во кафулињата, обложувалниците, во домашна атмосфера, кој како се снајде. Вардар е Вардар, најтрофеен македонски клуб, со традиција од 65 години, исполнета и со победи и со порази. Имало и радост и тага, но ретко сето тоа било филувано со лага.
А, деновиве се изнаслушавме лажни ветувања, изјави и чуден оптимизам непоткрепен со факти. И, ајде пред натпревар можеби е прифатливо, да не се оди со бело знаме, да се биде оптимист, да се верува во чудо и покрај тоа што добрите фудбалски познавачи знаеја која е Стеауа, со каков квалитет располага. И најголемите песимисти се надеваа на подвиг, иако беше јасно дека Вардар не се засили со адекватни играчи, дека немаше добри подготовки, дека одигра само еден пријателски натпревар, со објаснување кое во најмала рака е смешно.
Да не се повределе играчите. Барем така објасни Милевски по враќањето од подготовките на Златибор.
Тогаш зошто се отиде таму? Сигурно не за да се дише чист планински воздух. Подготовки се знае зошто служат. За да се проверат силите, да се вклопат новите играчи, да се подготви тактиката, но во дуели со силни противници. Барем на приближно рамниште на Стеауа, противник кој е моќен, со одлични играчи и индувидуално и како колектив. Тие беа на подготовки во Австрија и во Англија и одиграа тест натпревари со силни противници. Колку квалитетно се подготвиле, презентираа и вечерва во Букурешт. Го декласираа немоќниот и уплашен состав на Вардар. Гостите од Скопје беа без концепција на теренот, без никаква идеа во играта, како залутана група маалски играчи кои првпат играат заедно.
Лошата претстава, со само два удари кон голот на Татарашану, хаосот во играта на Вардар, некоординираноста на теренот на играчите во бели дресови, беше неподносливо тешко да се гледа. Но, уште потешко е да се „сварат“ лагите кои продолжуваат и со изјавите по натпреварот. Во стилот „сега му е мајката“, одново се потхранува лажен оптимизам дека Вардар во Скопје, во реваншот, ќе воскресне како феникс од пепелта, во која беше заглавен час и половина на теренот во Букурешт.
„Во секој случај ќе одиграме подобро во Скопје“, вели Милевски.
Па, полошо од ова и не може, или не веруваме дека можете. Со две минувања преку центарот на игралиштето, со ниту две прецизни додавања за 90 минути, со шетање по терен и со немоќ каква ретко се гледа, не се оди во Европа. Со лаги уште помалку. Оти сепак во Македонија има многу страсни вљубеници во фудбалската игра. Разбираат дека има подобри од нас, со поквалитетни играчи, со поголеми буџети, со подобра организација и традиција, но не разбираат зошто некој сака да не лаже, а не сака да работи како што треба. За да одиме напред, да бидеме подобри, за да не почнуваме и завршуваме со евронастапите во ист месец, за да имаме поквалитетен фудбал, за да се радуваме на успеси. Вака, ќе ни останат само поразите, тагата и лагите.
Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хаос на трибините во Атина, Тадиќ го однесе Ајакс во осминафиналето (Видео)
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)


