Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најави две книжевни вечери со богата фестивалска програма на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кои ќе се одржат утре и задутре (19 и 20 ноември 2018 година) во МКЦ.Ексклузивно пред македонската публика ќе бидат претставени делата на шест значајни и наградувани европски автори:
Антон Баев (Бугарија), еден од најзначајните современи бугарски автори;
Михал Ајваз (Чешка), кралот на магичниот реализам;
Енес Халиловиќ (Србија), повеќекратно наградуван и преведуван српски автор;
Џамал Уаријачи (Холандија), контроверзниот Холанѓанец што пишува за општествените проблеми;
Рику Корхонен (Финска), социјално ангажиран писател и колумнист;
Офејгур Сигурдсон (Исланд), лидер на движењето за реконструкција на поезијата во проза.
Фестивалот „BookStar“ е прв фестивал на европската литература во Македонија и веќе четврта година по ред ја употребува книжевноста за да ги објасни феномените на овој век, истовремено избавувајќи ја од стерилниот деветти круг на академскиот третман. Под слоганот „Taboo or not taboo?“, оваа година Фестивалот ги поставува прашањата што непријатно и тивко се одговараат и разработува општествени и социјални теми по старошколскиот принцип: книжевноста како лек против егзистенцијалните тегоби и социолошките норми.
Годинашното издание на Фестивалот е организирано во соработка со издавачката куќа „Готен“.
По промоциите на специјалната гостинка Славенка Дракулиќ од Хрватска и Македонците Јосип Коцев и Живко Грозданоски, утревечер на фестивалот „BookStar“ ќе бидат претставени и промовирани тројца нови гости автори.
Така, утре во Кино Фросина со почеток во 19:30 часот прв ќе биде претставен гостинот од Бугарија, Антон Баев, со две книги: романот „Светата крв“ и збирката поезија „Даровите на светот“. Разговор со него и претставување на неговите книги ќе направи Елизабета Шелева.
Антон Баев (роден 1963) е бугарски писател. Студирал бугарска филологија во Пловдив, a специјализирал новинарство во Ајова, САД. Работел како библиотекар, колумнист, репортер, главен уредник и издавач. Има објавено голем број книги од различни жанрови. Учествувал на меѓународни фестивали и манифестации, меѓу кои и на книжевната резиденција „Апсолутно модерен“ во Скопје. Неговиот роман „Светата крв“ е роман за љубовта и страстите во сите свои димензии, за злосторството, одмаздата, проштавањето, а како ликови се јавуваат учители и ученици во еден историски бурен период од 1920 до 1950 година. Клучното место на случувањата е забутаното гратче Ја. Колку историска толку и универзална, книгата проникнува во самата суштина на човечкото, во неговата природа.
По него ќе бидат промовирани два романи од Михал Ајваз, најзначајниот чешки претставник на магичниот реализам, кој создава светови од светови, светови од зборови, светови од објекти. Неговите дела може да се опишат како литературни фантазии исполнети со симболизам. Ајваз студирал бохемистика и естетика, а моментално е истражувач по философија на еден институт во Прага. Преведуван е на петнаесетина јазици. Неговите две книги „Празни улици“и „Луксембуршката градина“ ќе ги промовира Соња Стојменска-Елзесер.
Романот „Празни улици“ изобилува со игра, напнатост, симболи, философија, поезија, описи на амбиенти и необични ликови, кои стапуваат во несекојдневни односи и ситуации. Дали мистеријата ќе го доведе херојот до банално разочарување на неговите очекувања или тој навистина ќе открие некоја голема и длабока тајна? За романот „Празни улици“ во 2005 година Михал Ајваз ја добива највисоката национална награда во Чешка, „Јарослав Сајферт“.
Во романот „Луксембуршката градина“, пак, во комбинација со романтични авантури, како и со низа случувања на работ од реалноста, авторот создава мистично-философска алегорија за една поразлична стварност. Љубовта и љубомората, омразата и помирувањето, на еден духовит начин ги поврзува со улогата на технологијата и науката во нашите животи. За романот „Луксембуршката градина“ Ајваз ја добива наградата „Магнезија литера“ за книга на годината за 2012 година.
Последен гостин на оваа фестивалска вечер е Енес Халиловиќ, српски раскажувач, поет, драмски автор, новинар, економист и правник, кој овој месец е гостин на книжевна резиденција во Скопје. Пишува раскази, поезија, драма, а неколку негови книги веќе се преведени и објавени на македонски јазик. Претставување на неговото творештво и разговор со него ќе направи Владимир Јанковски.
Неговиот роман „Ако долго гледаш во понорот“ е потресна и трогателна приказна за распаѓањето на едно сиромашно семејство за време на транзициските периоди кога социјалистичките фабрики на големо се затвораат и сите бизниси ги презема мафијата. Во поетската збирка „Ѕидови“, пак, главната инспирација е водена од историско-етимолошкото поимање на ѕидот, како и од ѕидот на знаењето како преокупација на философијата. Оваа книга е добитничка на наградата „Меша Селимовиќ“, едно од најпрестижните книжевни признанија во Србија.
Следната фестивалска вечер, 20 ноември, е вечер на добитници на Наградата за литература на ЕУ, па пред македонската публика ќе бидат претставени дури тројца автори што се закитиле со оваа престижна книжевна награда. Промоциите од оваа вечер ќе се одржат во Галеријата при МКЦ, со почеток во 19:30 часот.
Вечерта ќе започне со претставување на книгата „Глад“ и разговор со авторот Џамал Уаријачи од страна на промоторотДушко Крстевски. Џамал Уаријачи (1978) е холандски писател, роден во Амстердам, во холандско-мароканска семејна заедница. Студирал психологија, а неговиот главен литерарен пристап во романите е контроверзијата преку која зборува за современите општествени проблеми. Објавува романи, статии и колумни за голем број водечки медиуми, а автор е и на една третина од холандската книжевна трилогија напишана како одговор на „Педесет нијанси сиво“.
„Глад“ е роман чија приказна навлегува во една општествена критика, паралелно водена од суптилна љубовна линија. Покрај мрачното сиже, ги гледаме и социјалните проблеми на нашето време. Авторот го базира романот на случајот со еден познат филантроп што е осуден за педофилија. Притоа, тој не е прикажан како класично импулсивен педофил, туку прво како човек, а потоа како злосторник. Авторот раскажува приказна за тоа до каде може да се движат екстремите на омразата и гадостите кај човекот. Книгата се движи по тенката линија на шокантната веродостојност и фикцијата. Романот ја добива Наградата за литература на ЕУ во 2017 година.
По овој настан следува претставување на книгата „Медицински роман“ и разговор со авторот Рику Корхонен од страна на промоторот Владимир Јанковски. Рику Корхонен своето книжевно деби го прави во 2003 година и набрзо се етаблира како еден од централните фински писатели. Пишува за сериозни и важни теми, во хумористичен стил што ги носи неговите наративни вештини во преден план. Пред да стане писател и колумнист со полно работно време, работи како учител во средно училиште и предавач за креативно пишување на Универзитетот во Турку.
„Медицински роман“ е маестрално прикажување на љубовта, смртта и политиката. Тоа е книга за дрогата, сексот, смртта и политиката, инспирирана од две личности со исти размислувања, кои живеат на работ на еден импровизиран свет што е производ на свет во голема неволја. Како писател и хуманист, Корхонен има емпатична потреба да го разбере човекот. „Медицински роман“ е вкусна пародија на феномените на нашето време. Корхонен ни претставува хумористична имитација на романтичен роман. Романот ја добива Наградата за литература на ЕУ во 2010 година.
Вечерта ќе биде затворена со претставување на романот „Сага за Јон“ од Офејгур Сигурдсон, добитник на Награда за литература на ЕУ во 2011 година. Промотор на оваа книга ќе биде Ристо Солунчев. Поет и прозаист, Офејгур Сигурдсон е роден во Рекјавик на 2 ноември 1975 година. Има објавено шест поетски збирки и два романи. Сменил многу професии: работел како униформирано вечерно обезбедување во хотел, пакувал шунка и сланина во фабрика, ги „пумпал“ своите мускули како работник на пристаниште и го вежбал својот мозок како студент по философија на Универзитетот во Исланд. Најпознат е по тоа што е лидер на движењето што се обидува да ја реконструира исландската поезија, а во слободно време е еден од најдобрите автори од својата генерација.
Романот „Сага за Јон“ е поставен во периодот познат како просветителство. Тогаш се создава новиот начин на едукација низ европските градови, но се случуваат и голем број мали револуции во географијата, математиката, физиката, политиката и философијата. Како учен човек што се наоѓа на остров меѓу селани и рибари, Јон, со своето христијанско учење, е центарот на жонглирање меѓу суеверијата и научните докази. Во овој роман е исценирана средбата меѓу традиционалното размислување и чудата на науките. „Сага за Јон“ е обид за создавање возвишена прозна поезија од искрата што се појавува кога две нешта се борат едно против друго.
Финалето на фестивалот, односно последниот фестивалски ден, 21 ноември, е резервиран за меѓународниот панел на тема „Креативна Европа – Проекти за книжевни преводи и Европската награда за литература“, кој ќе се одржи во Домот на занаетчиите во Куманово со почеток во 12 часот. На панелот, покрај гостите Џамал Уаријачи и Офејгур Сигурдсон како добитници на Наградата, ќе учествуваат и ќе дискутираат уште и: Билјана Прентоска (Македонија) иДимитрије Тадиќ (Србија). Настанот е организиран во соработка со Канцеларијата за креативна Европа, потпрограма Култура на Република Македонија при Министерство за култура на РМ.
Истиот ден во 13 часот авторот Михал Ајваз ќе гостува на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Како и минатите години, сите гости на Фестивалот ќе им бидат достапни на читателите за дружење и опуштен муабет во книжарницата на „Антолог“ на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 на т.н. „Книжевно кафе“, и тоа Антон Баев, Михал Ајваз и Енес Халиловиќ на 19 ноември во 11 часот, а Џамал Уаријачи, Офејгур Сигурдсон и Рику Корхонен следниот ден во истото време.
Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Финскиот писател Рику Корхонен гостува во Скопје
-
Со промоција на „Невидлива жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ се отвора „Букстар 4“
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Жената во кафезот“ е добитник на наградата „Букстар“ за најчитана книга за 2017 година