| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на дела од Нове Франговски во Музеј и Галерија Подгорица

Во организација на Музејот на град Скопје и Ј.У. Музеј и Галерија Подгорица, Црна Гора, ќе биде презентирана изложба на Нове Франговски. Изложбата се реализира со подршка од Град Скопје и Град Подгорица. Изложбата од циклусот „Собитија“ ќе биде отворена на 25 Октомври 2018 година во Галерија АРТ во Подгорица.


Ќе бидат презентирани 83 дела од циклусот „Собитија“, работени во последните 10 години.
Со оваа изложба се опфаќа еден специфичен дискурс од развојот на творештвото на овој значаен македонски современ уметник, а тоа е неговиот најнов циклус дела, по кои Франговски досега не е познат на пошироката јавност, а во дадениот контекст ќе даде едно поинакво светло за неговиот уметнички развој.
Последниот творечки опус на истакнатиот македонски сликар Нове Франговски е своевиден творечки рекапитулар по долгата авторска и животна патека, создаден како амалгам на сите научени и стекнати визуелни сензации и доживувања. Филозофијата на “себе-преиспитувањето“, “себе-докажувањето“, прашањата за сопственото јас, судирот со егото, ракурсите на “животот“ и “неговиот крај“, аспектите на постигнатото и достигнатото согласно предиспозициите и сопствените очекувања, издигнувањата и падовите, задоволствата и разочарувањата се само дел од семантиката на “чистиот ум“, кој сега веќе од одредена дистанца, со богато животно искуство се обидува да оствари надвремена комуникација со трансцеденталното, севишното, надприродното, ирационалното, божественото. Тој хабитус се остварува врз основа на контемплативниот баланс помеѓу инспиративниот агенс (некаде со асоцијативна, препознатлива иконографија) и неговата симбологија, т.е. митолошко/профана заднина со внатрешниот авторов импулс, акцијата на умот и телото, уметниковото рацио и неговото ирационално, космичкото и земското.
Концептот на минијатурата има свој психолошки одѕив во уметниковиот порив на Франговски. Колку неговата акција бара простор и слобода да се соедини, да се спојат фигурата и апстрактниот ликовен вител, да станат едно, во последниот циклус дела наоѓа свое отелотворување и динамика.

Нове Франговски е роден во Галичник, 1939 година, а почина на 25 Март 2017 година во Скопје.

Основното и средното образование (отсек скулптура) го завршил во Скопје. Во 1966 година дипломирал на Уметничката академија во Белград (отсек сликарство). За време на студиите тој учествувал на повеќе студентски изложби, а исто така учествувал и на „Октомврискиот салон“, во Белград, во 1965 година. По дипломирањето работел како слободен уметник, а потоа, од 1971 до 1978 работел во дрвопреработувачката фабрика „Треска“. Од 1978 до 1996 година работел во трговското друштво „Славија“, a потоа како слободен уметник.
Станува член на ААМ во 1967 година.

Од 1965 година бил студент на размена со престој во поранешниот Советски Сојуз, потоа во 1973 година се запишал на специјализација на Академијата за ликовни уметности во Рим – Италија.
Од останатите студиски престои се издвојуваат:
Парис – Франција 1977 – Добитник на стипендијата „Моша Пијаде“,
Чешка Република 1992, Парис – Франција 1997, (со З. Јакимовски)
Учествувал во работата 7 Меѓународни Ликовни колонии
Од 1968 до 2012 година реализирал над 25 Самостојни изложби, како и над 120 Групни изложби во периодот од 1968 до 2016 година во земјава и странство.
Добитник е на наградите:
1969 – Награда за сликарство на изложбата „25 години од АСНОМ”
1982 – „Нерешки мајстори” – награда на ААМ, Годишна изложба
1983 – „Никола Мартиновски“, награда- изложба „ААМ – цртање 83″
Овој ценет и докажан сликар е претставен во книгата „Уметност на тлу Југославије“, (Уметноста на тлото на Југославија), од едицијата „Сликарство двадесетог века“, (Сликарство во XX век), стр. 56, а е застапен и во националната колекција на Националната галерија на Македонија.
Франговски, исто така, се истакнува и со своите организациски вештини.
Во 1990 година ја основа Галичката ликовна колонија и е нејзин организатор до денешен ден. Колонијата има меѓународен карактер и на неа учествувале над 150 македонски и странски уметници кои имаат голем придонес за развојот на уметноста насекаде. Досега се одржани 12 сесии, а во 1999 година, за време на одбележувањето на јубилејната десетгодишнина од постоењето на колонијата, биле поставени дела од 5 биенални изложби.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top