На денешната прес конференција во Музејот на Македонија посветена на изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“, која свечено ќе биде отворена утре (среда, 17 октомври), директорот Гордан Николов им се заблагодари за соработката на Музејот на африканска уметност од Белград и на Џез фестивал Скопје кои се партнери во овој проект.
-На оваа идеја работевме повеќе од една година, а почнавме да го обликуваме проектот и со финасиските средства од Министерството за култура и од наши средства. Благодарност до Скопскиот џез фестивал што го печатеше каталогот за оваа изложба, кој е обемен, повеќе од 95 страници на маедонски, српски и на англиски јазик. Што се однесува до организацијата, се работи за обемен и комплексен проект, бидејќи ваков проект со Србија не бил реализиран повеќе години. Ја почнуваме и оваа прекрасна соработка со Џез фестивалот за која се надеваме дека ќе трае и во наредните години. А бидејќи изложбата ќе трае два месеци, развивме и едукативна програма за деца кои ќе изработуваат предмети од глина и во боенки, а ќе има и прилагодена форма на каталог за нив. Така што се трудиме Музејот на Македонија да го вратиме на музејската сцена, рече Николов.
Александра Продановиќ Бојовиќ, кустос од Музејот на африканска уметност во Белград се заблагодари на поканата и рече дека ова е првпат во 40 – годишното постоење на Музејот од Белград со свои експонати да гостува во Македонија.
-На изложбата е претставен оригинален материјал од збирките на Музејот на африканска уметност, тука во Скопје ќе бидат изложени повеќе од 70 маски и скулптури и ткаенини кои потекнуваат од западна Африка. Со оглед на тоа дека се работи за прво наше гостување имавме желба да ја приближиме оваа уметност на традиционалите заедници која во светските музеи стана еден вид класичен израз на африканската уметност. Оваа уметност ќе ја сретнете во сите големи светски музеи кои имаат свои колекции на африканска уметност, рече Продановиќ Бојовиќ.
Инаку, се работи за колекција која на Музејот во Белград ја подариле Здравко и Веда Печар, кои во 60 –тите и 70 – тите години од минатиот век биле дипломати во овие земји, период кога и интересот во светот бил најголем за африканската уметност. Здравко Печар бил амбасадор во Мали и Гана и направил репрезентативна збирка која потоа била подарена на градот Белград и така е основан Музејот на африканска уметност во Белград.
-Концептот на изложбата е направен според материјалот и темата за да на најадобар начин ја отслика и уметничките достигнувања на овие народи, бидејќи овие предмети имаат несомнена уметничка вредност. Од друга страна избравме и предмети кои имаат значења и обредна функција а тие на најкомплексен начин го открива културното наследство на овие народи, преданијата, митовите, културните вредности на заедниците се до средината на 20-от век. Најголемиот од предметите се изработени од дрво, кои навистина биле дел од обредите што се гледа од документите што ги оставиле Печареви, додаде Продановиќ Бојовиќ.
Гоце Наумов, координатор на изложбата од Музејот на Македонија рече дека ова е вистинска ексклузивна можност една ваква изложба да биде прикажана првпат во Македонија.
-Сите знаеме за Африка, меѓутоа никогаш сме немале прилика да видиме автентични африкански предмети и во ова прво претставување сметавме дека е најдобро да се презентира она што е најкарактеристично за Африка. На изложбата ќе можат да се видат повеќе видови предмети , но најмногу има маски, а потоа и скулптури и ткаенини поврзани со обредите на разни народи од Мали, Буркина Фасо, Гана, Гвинеја, Брегот на слонова коска, народи кои се познати по својата уметност, но и по својата музика која всушност е извориштето на џезот и тоа е една од причините што за овој проект соработувавме и со Скопскиот џез фестивал. Се работи за различни обредни маски од различни обредни церемонии: за иницијација на младите, за плодност на жените и земјата, култот на предците, рече Наумов.
Тој додаде дека ваков вид на проекти допринесува до ширење на можностите и концептите на работата на музеите.
Џез фестивалот кој се организира 37 години и Оф фестивалот кој постои 17 години, во своите програми ја презентираат и афирмираат африканската музика.
-Задоволни сме што ја остваривме оваа соработка со Музејот на Македонија и со Музејот од Белград и што дел од нашите гости кои веќе пристигнуваат за фестивалот ќе присуствуваат на отворањето на изложбата, рече Костадин Шурбановски од Скопскиот џез фестивал
За време на траењето на изложбата ќе има пет предавања, од кое првото ќе се одржи на 18 октомври на кое кустосот од Белград, Александра Продановиќ Бојовиќ ќе зборува за збирката на Музејот во Белград и настанувањето на колекцијата, а предавања ќе одржат и Гоце Наумов, Илина Јакимовска Тони Китановски и Никос Чаусидис. Како дел од придружната програма на оваа изложба ќе бидат прикажани четири играни и три документарни филмови, како и неколку работилници со студенти по ликовна уметност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Предавање „Ритамот и звукот на Африка“ во Музеј на Македонија
-
„Африканскиот колонијализам и воајеризам: разликата како спектакл“ – предавање на Илина Јакимовска во Музеј на Македонија
-
Модна ревија во Музеј на Македонија „Made in Macedonia: Почетоци и еволуција“
-
Отворање на изложбата „Духовите на Африка – Ритуална западноафриканска уметност“