Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција во Владата го образложи предлогот за ребаланс на буџетот за 2018 година доставен до Собранието и рече дека главната причина за ребалансот е евентуалната одлука за предвремени парламентарни избори, која би ја оневозможила постапката за прекројување на државната каса.
Парите предвидени за гасификација и изградба на Клиничкиот центар во Скопје, со ребалансот на Буџетот што го усвои Владата ќе се префрлат на други ставки. Тевдовско рече дека со ребалансот се прави реалокација на средствата меѓу буџетските корисници, односно дека дополнителни средства се одвоени за исплата на долговите што ги имаат општините и здравствениот систем.
-Намалување кај капиталните расходи е кај оние кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација и тоа се главно проекти финансирани со кредити. Намалувањето на капиталните расходи е 5,66 милијарди денари, од кои 1,67 милијарди денари се од буџетот, а 3,9 милијарди денари се од кредити. Меѓу најголемите капитални инвестиции се гасификацијата и откажаниот клинички центар, како што кажав кај оние кај кои е евидентна забавена динамика на реализација- рече Тевдовски.
Тој кажа дека со ребалансот на Буџетот за 2018, за кој сега треба да гласа Собранието биде прифатен почетокот на уставните измени, приходите се намалени за една милијарда денари, а трошоците за 1,2 милијарди денари.
Со преалокација на неискористените средства со ребаланост е предвидено 198 милиони денари да одат за финансирање на политички партии и истражувачки центри. Тевдовски рече дека оваа ставка е предвидена во ребаланост, бидејќи Собранието за тоа донело Закон и Министерството за финансии е обврзано да предвиди пари во буџетот.
Според него, со преалокација на средства во фондовите за пензиско и здравствено осигурување не е загрозена исплатата на пензиите и остварувањето на правото на здравствена заштита, односно дека исплатата на пензиите и натаму е приоритет на оваа Влада.
-Со ребаланост предвидени се дополнителни 1,8 милијарди денари за Фондот за здравствено осигурување, за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување. Овие средства освен за непречено функционирање реализирање на работата ќе се искористат и за намалување на долговите, особено во здравствениот систем. Предвидена е и финансиска поддршка на општините од 3,9 милијарди денари, кои ќе се искористат за плаќање на доспеани а неплатени долгови, како и вложувања во образованието, културата и детската социјална заштита- рече Тевдовски.
Тој најави дека подготвиле закон со кој ќе им бидат поделени парите на општините со кој ќе се спречи натамошно трупање долгови, но дека тоа ќе зависи од тоа дали ќе поминат уставните измени или ќе има предвремени избори.
Според собранискиот Деловник, кога се расправа за Буџет Собранието не држи седници, туку работат Комисијата за финансирање и Буџет и Законодавно-правната комисија. Според Деловникот, целата процедура за носење на Буџетот треба да заврши за 20 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.