| четврток, 6 декември 2018 |

Си призна: Тевдовски ја потврди катастрофалната реализација на капиталните проекти

Катастрофална реализација на капиталните инвестиции од страна на Владата, потврди денеска и министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју дадено за Канал 5 телевизија. Неколку дена пред Министерството за финансии да ги објави официјалните податоци колку капитални проекти се реализирани заклучно со јули, Тевдовски „превентивно“ најавува дека Владата има слаба реализација.

И покрај најавите на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев дека капиталните проекти ќе се интензивираат во мај, сепак слабата реализација продолжи и понатаму во текот на годината. Капитални инвестиции, односно пари наменети за изградба на болници, училишта, градинки, патишта и слични проекти се реализирани само 16,6% за пола година.

Тевдовски како „виновник“ за овогодинешната слаба реализација на капиталните инвестиции ја посочи претходната власт, иако минатата година, министерот за финансии и покрај „наводните проблеми“ оставени од претходната влада, се пофали со највисока реализација на капитални инвестиции во 2017 година.

Владата на почетокот на оваа година се задолжи со еврообврзница од половина милијарда евра, а редовно повлекува милионски суми и на аукциите на државни хартии од вредност. Сепак инвестициите во реални проекти изостануваат.

Согласно календарот на Министерството за финансии, официјалните податоци за извршување на буџетот ќе се објават во понеделник на 27 август.

Тогаш ќе биде позната и реализацијата на капиталните инвестиции за првите седум месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top