Во Предлог-буџетот за 2018 година е предвидено преку заем на домашниот и на странскиот пазар да се обезбедат околу 470 милиони евра за финасирање на буџетскиот дефицит, кој е предвиден на 2,7 отсто од БДП, и за враќање на доспеани обврски што ги направиле претходните влади, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој посочи дека за странско задолжување е клучно каква ќе биде каматната стапка, односно цената што ќе ја платат граѓаните.
– Не е исто да се излезе на странски пазар или со еврообврзница која ќе има три, четри и пет проценти или ќе има девет или 10. Ќе донесеме одлука за излегување на странски пазар само ако мислиме дека граѓаните ќе платат ниска цена – изјави Тевдовски по промоцијата на неговата публикација „Патот напред – Колумни за економскиот раст и социјалната кохезија во Македонија“ на Економскиот факултет во Скопје.
Нагласи дека и годинава со ребалансот на Буџетот беше оставена можност за домашно и странско задолжување, но, како што рече, заради успешното финасирање на домашниот пазар е одлучено да не се излегува на странскиот.
– За следната година предвидовме да има можност и за странско задолжување, бидејќи сега имаме ниски поволни каматни стапки на меѓународните пазари, а очекувањата се дека ќе почне да се зголемуваат. Тоа не прави да размислуваме дека можеби е време да излеземе на меѓународниот пазар. Воедно во моментов трите еврообврзници имаат историски најниска каматна стапка и ако се излезе би се добило ниска цена. Во тие рамки правиме анализи – посочи Тевдовски.
Прецизира дека во Предлог-буџетот се предвидени повеќе средства за Министерството за одбрана заради определбата за приближување кон НАТО, а за Министерството за внатрешни работи заради сериозните обврски направени од претходната влада што доспеваат за враќање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.