| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирани четири тома од пишаната оставина на Павел Шатев

Во Музејот на Кратово денеска беа промовирани четири тома од пишаната оставина на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев. Промоцијата се совпаѓа со роденденот на Шатев – роден е на 15 јули 1882 година во Кратово.

Четирите тома: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“ се објавени од Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, во превод на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски. Делата ги претставија проф. д-р Зоран Тодоровски, Предраг Димитровски и Нове Цветаноски.

До крајот на годинава ќе бидат објавени уште четири тома со трудови и документи на Шатев. Неговата оставина изнесува повеќе од 4000 страници во ракопис.

Павел Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Тој е непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета); по ослободувањето на Македонија се вклучува во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија.

Неговата Голгота почнува во моментот кога е македонски државник – по Резолуцијата на Информбирото и по судирите со новата комунистичка власт, која во тој период ги прогонува македонските интелектуалци, идеолошките неистомисленици и национални авторитети кои биле на одредени функции.

Во 1948 година Павел Шатев бил сменет од сите политички функции и поставен за советник, а при крајот на истата година пензиониран. На 16 јуни 1949 година, како сојузен пратеник, бил уапсен во Загреб, кога по седницата на Народното собрание во Белград отишол кај своето семејство, кое тогаш живеело во овој град. Веднаш потоа, Претседателството на Президиумот на Народното собрание на НР Македонија на 27 јуни 1949 година донесло решение за одземање на пратеничкиот имунитет и предлог за „покренување на кривична постапка“. Потоа, 11 месеци бил држен во истражен затвор во Скопје, обвинет од раководството на македонската политичка и партиска власт како „потенцијален непријател“ заради соработката со Советскиот Сојуз и за контактите што ги имал со бугарската амбасада во Белград.

Павел Шатев спаѓа меѓу ретките македонски револуционери, политичари и државници од постарата генерација, кој ги преживеа сите премрежиња на македонската ослободителна борба. Неговиот животен сон се оствари со ослободувањето на Македонија и создавањето на македонска држава, давајќи ѝ свој печат во нејзината изградба. Но, токму во слободната татковина, трагично ќе го заврши својот живот, со апсење, затворање, сослушување и интернирање во домашен притвор. По преживеаните две смртни казни од други држави (Османската Империја и Бугарија), смртта ќе го снајде по тортурата од државата за која се бореше и поради што беше осудуван на смрт.

Во нехумани и неподносливи услови за живеење, во руинирана зграда, Павел Шатев се разболел и умрел во затворската болница во Битола на 29 јануари 1951 година. Бил погребан на гробиштата кај црквата Св. Недела во Битола, во организација на Службата за државна безбедност, во присуство на неговата сопруга, која дошла од Загреб, и само на неколкумина негови пријатели.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top