Преголема застапеност на ставовите „ЗА“ за референдумот во медиумите преку активностите на Коалицијата „Заедно за европска Македонија“, ставовите на албанските партии и преку пораките на странските политичари, кои отворено повикуваа да се гласа за промена на уставното име на државава…
Слично како во првиот извештај ова се заклучоците и од вториот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) од мониторингот на медиумското претставување на Референдумот 2018, за периодот од 19-27 септември 2018 година.
Извештајот посочува дека кај ниту еден медиум нема прилози со ставот „ПРОТИВ“ што е резултат на тоа што отсуствуваше агитација за оваа опција.
Информациите за активностите и ставовите за „БОЈКОТ“ на референдумот се присутни помалку и главно се однесувале на изјавите на претседателот Ѓорге Иванов, Кризниот штаб „Македонија бојкотира“, Светскиот Македонски Конгрес и Левица, се вели во соопштението.
Резултатите од мониторингот покажаа дека и во вториот извештаен период, медиумите генерално настојуваа да обезбедат информации за различните аспекти на референдумскиот процес. За разлика од дневно-информативните емисии, повеќето радиодифузери настојувале да обезбедат разновидност на ставовите во посебните информативни емисии, наведува Агенцијата.
Во согласност со упатството за медиумско претставување за време на референдум, АВМУ потсетува дека рекламните пораки „за“ референдумот може да траат најмногу 4 минути и 30 секунди на секој реален час емитувана програма.
Истото важи и за рекламните пораки „против“, односно за бојкот на референдумот;
вкупното времетраење на сите рекламни пораки поврзани со референдумот може да изнесува 9 минути на секој реален час емитувана програма.
Редовното време за емитување реклами од 12 минути не смее да се користи за емитување платена јавна пропаганда, која треба да биде јасно одвоена од другите реклами. Платената јавна пропаганда не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, за време на директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во програми за деца и млади.
Повеќе детали за Вториот извештај од мониторингот може да се прочитаат на веб страницата www.avmu.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.