Премиерот Зоран Заев рече дека вистинската опција за уставните измени е Собранието, а не нови избори, иако, како што кажа, јасно е дека на предвремените избори СДСМ ќе победи и ќе обезбеди двотретинско мнозинство.
Тој демантираше дека им се нудело на пратениците пари и дека имале и други незгодни ситуации.
„Овие денови се надевам Парламентот брзо ќе закаже Уставна комисија да може да се отвори дебатата. Јас очекувам и низ креативниот дел на пратениците преку уставна дебата да се создава атмосфера благопријатна за сите за да може да се формира тоа двотретинско мнозинство кое што би требало да се формира по природен пат, рече Заев. Треба да провериме дали има или нема мнозинство. Апелирам сите политички чинители да преземат одговорност“, кажа Заев по завршувањето на денешната дебата „Мостови или ѕидови? Македонија и Западен Балкан во Европа, организиран во рамките на Форумот за граѓанско општество.
Засега, ниту Заев не може да каже дали има или нема двотретинско мнозинство за уставните измени и очекува тоа да се види низ дебатата во Собранието.
„Иницијативата е пуштена. Јас разговарав со дел од пратениците, а и пратениците разговараа меѓу себе. Граѓаните одлучија, владата поднесе иницијатива. Сега е на ред Собранието да одлучи“, рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.