| четврток, 6 декември 2018 |

Знам дека не знам

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Окупација во 28 ѕвезди: Знам дека не знам

Се сретнале Декарт и Сократ. Рене му се пожалил на Сократ дека не може ни до веце да отиде без опсесивно да ги мантра во себе текстовите на реформите. Сократ на тоа му одговорил „Знам, пријателе, како е кога веруваш во тоа што го мислиш. Обиди се барем на кратко да замислиш дека овој свет не е твоја проекција, туку моја“.

Рене навистина се замислил. Кога излегол од тоалетот со просветителска насмевка на лицето, рекол: „Сега знам, драг пријателе, дека ништо не знам!“

Демоним: Европеец
Време? Втора половина на 20 век.
Филм? Очи широкозатворени.
Режисер? Европска унија.

Во најкраткиот можен историјат за Унијата можете да прочитате дека им здодеало на земјите од западна Европа да бидат мрачен предмет на желбите на белосветските освојувачи во потрага по нови ресурси (пред Римското царство, 3000 г. пр.н.е. биле Келтите, а по Римјаните се ределе – кој стигнал и како стигнал, сè до Наполеон и нацистичка Германија во 19 и 20 век…) и оттаму оној неславен прекар „курва вавилонска“, и кога некој од каква и да е причина ќе ѝ се налути на несреќнава унија, нема нема, па ќе се сети на времињата кога седевме крај „реките вавилонски и плачевме…“ Така и Boney M на времето го преточија во одличен диско шлагер овој старозаветен псалм како извадок од историјата на исчезнатите цивилизации….

Претеча на денешнава унија е Европската заедница за јаглен и челик основана од 6 држави во договорот од Париз во 1951 година. По истекувањето на овој договор, се потпишувале еден куп други, во Рим, Мастрихт, Амстердам, паралелно со зголемувањето на бројот на земјите-членки. Унијата никогаш немала официјален главен град, а нејзините институции се лоцирани во неколку центри на моќ:

Брисел – Белгија (Советот на ЕУ); Стразбур – Франција (Парламентот); Луксембург сити, Луксембург (Судот на правдата); Франкфурт – Германија (Централна банка) и Хаг – Холандија (Европол)… Од кревко трговско тело, до моќен политички и економски ентитет. За држави основачи се сметаат Источна Германија, Луксембург, Франција и Холандија… Трговијата, економските интереси биле тие што ги туркале работите напред.

Ако Унијата се смета за една држава, после Кина и Индија, е најбројната на светот. Но, така може да се редат статистики во недоглед.

Да речеме, вечното натегање меѓу франкофоните и англосаксонците, можеби наликува на нашите балкански поларитети од типот српско-хрватски јазик или македонско-грчки речник на салати и десерти со турски зачини; евентуално можеби словенците се толку ладнокрвни и незасегнати од балканскиот менталитет и нискиот коефициент на емотивна интелигенција, што за нив тешко се наоѓа спаринг-партнер. Затоа се вели, колку посеверно, толку потажно и подепресивно – колку поголем студ – толку повисок процент на самоубиства по жител. Метеоропатите треперат и при најмало дувнување на ветрот, а ревматичните мака мачат со своите коски кога врне, каде и да се.

И да скокнеме за миг преку океанот, на новиот континент, каде што нема ниту еден ураган којшто би се викал – Симе, Перо, Зоки и слично, туку сите се викаат некако Катерина, Симеона, Стефани – зошто? Еве едно можно објаснување – зборот хистерија, значи „матка“. Матката е дел од женското тело, и како еден од клучните органи што го одредуваат полот, освен што им ја прибавува можноста да раѓаат, им задава еден куп здравствени, најчесто психолошки проблеми. Сите што виделе истап на хистерична жена, немаат проблем со имињата на ураганите.

Единствено нашиот јужен сосед ја има таа привилегија на очиглед на целата заедница да има хистерични напади при ураганот име што доаѓа од север: при секое споменување на МКД, ја користи хистеријата како параван на своите наци САДО мазо ВЕТО сеанси – во секоја пригода на ‘групњак‘ со очи широкозатворени – единствено со превез преку очите може да се поднесе болката со којашто садистот силувајќи ја, ќе се нахрани од својата жртва. Не хистерија, не ураган, не нови континенти, не глобално затоплување, ниту масовни гробници и меморијални центри за општа опомена. Ништо не помага. Освен, се разбира, тој волшебен збор – реформи. Џабе Сократ знаеше дека не знае. Овие сега знаат сè.

Турција, исто така, моли за прием, но во што е тајната на овој апсурд, кога една ориентална култура сака да се накалеми на западната? Кој ја црта мапата на светов? Некој левичар со воспалени десни?

Во Полска првпат се направени бушотини за нафтени наоѓалишта. Може ли некој до бога да објасни зошто во Полска има нафта? И да ѝ се извини на Саудиска Арабија.

Дали Европа само се обидува да се заштити од преголемата наезда на емигранти кога покажува строгост и високи критериуми за влез во избраното друштво, или пак како што фино забележа Дејвид Брн (Tallking Heads) – We’re on the road to nowhere…, таа со сите пропратни манифестации на моќ се обидува да направи мимикрија на бенигната вистина дека, и покрај сè, таа е на патот кон никаде…? Но, како да им го објасни тоа на милионите потенцијални азиланти кои подобро ќе умрат од глад во импровизираните бегалски кампови низ зоната, одошто да ја трпат политичката тортура во сопствените „недемократски општества“?

Некаде од тротоарот на тој пат, еве како еден ладнокрвен Британец со доза воздржан потсмев, типичен за островот, им го честита Денот на независноста на обединетите држави од новиот континент: „Секој 4 јули, Британците тивко го слават денот на експериментот. Ова е годишнина од одлуката да им се дозволи на американските колонии да воспостават „независност“. Оваа маскарада го почна најголемиот социјален експеримент во човековата историја, кој веќе трае повеќе од 200 години. Дозволувајќи им на колониите да освојат неизмерни пространства на кои се расфрлани области крајно несоодветни за човечки живот и гледајќи ги како натрупуваат неверојатно богатство и индустриска моќ, Британија го доби најдолготрајното бесплатно комично шоу на сите времиња“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top