| четврток, 6 декември 2018 |

ГЛОБАЛИСТИ

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Глобалистите денес не функционираат така грубо и транспарантно како до пред неколку декади, па дури и до пред само една декада кога нивната плакативна пропаганда и нивната сурова воена доминација без некои поголеми проблеми и без значајна конкуренција ја спроведуваа својата агенда без пардон. Денес тоа е практичко невозможно. На сцената се појавија моќни воени структури од спротивната страна, а и парите отидоа кај довчерашните колонии и стратегиски противници, што глобалистите ги става во непријатна позиција.

На глобалистите очајно им е потребна радикална промена на позициите во меѓународниот поредок, но, како што стојат нештата, тоа во моментот е практично невозможно.

Можеби нова војна, која би го донела светот во глобален хаос, им дава на хегемоните на глобализмот надеж за нов светски поредок кои тие како Феникс би го искреирале од пепелот на ваквите собитија, но таквата војна, со така силни и компетентни противници какви што станаа нивните опоненти во последниве времиња, е огромен ризик во кој и тие самите, диктаторите на новиот светски поредок, би се нашле во пеколот на уништувањето сосе своите народи и политички елити. Затоа фронталното и бруталното ангажирање на моќите што ги поседуваат глобалистите е страотен ризик со многу непознати. Тие во случајов имаат против себе огромен број народи, држави и влади, кои тргнувајќи го мачното искуство на колонијализмот, тоталитаризмот и граѓанските војни, станаа внимателни повеќе од кога било досега во историјата на човештвото. Барем што се однесува до онаа историја која ни е позната и обзнанета.

Затоа глобалистите развиваат нови стратегии и тактики, системи со кои треба да ги нападнат конкурентите, суптилни и итри зафати што би иницирале слични ефекти, како што беа оние што ги правеа со веќе застарените потфати на френетичната пропаганда и супериорната безмилосна воена сила.

Тие нови стратегии се дизајнирани кон дисторзирање на општествените баланси во земјите означени како конкурентски и непријателски. Пред сѐ, сите овие агенди за дестабилизација на овие држави треба да ги сензибилизираат одредените групации во популацијата кои во обавештајните скенирања и скаутирања на глобалистите се акцептирани како непријателски ориентирани кон постојните режими на државите, и кои се на листата за деструкција.

Проекцијата на глобалистите во случајот оди кон елиминација на владите кои манифестираат непослушност кон нивната политичка волја и кои пропагираат антиглобалистичка идеологија. Оваа детронизација на антиглобалистичките политички елити кои управуваат со одредени држави, кои им конкурираат во дистрибуцијата на моќта и влијанието на глобалистите, треба да се изнуди со бунтови, револуции и хаос, и сето тоа во зависност од проекциите на новиот дизајн на регионалната реконфигурација, што би била во интерес на глобалистичката агенда.

За овие цели, глобалистите создаваат огромни мрежи на агентура под водство на нивните тајни служби кои имаат задача да го подготват незадоволството и бунтовничкиот сентимент и да ги координираат потфатите и тенденциите на овие деструктивни групации во однос на режимите кои се камчиња во чевелот на новиот светски поредок. Ваквиот масовен потфат бара создавање огромен број резиденти (или јатаци) кои би биле добропроверени од страна на глобалистичките тајни служби и кои би послужиле како мали тајни бази од каде што би се ширела таканаречената специјална војна во однос на таргетираните маси во општеството на дадената држава, маси кои се препознаени како потенцијално или извесно антагонистички кон владејачкиот поредок. Ваквите резиденти или микробази најчесто се регрутираат од структурите на НВО секторот, чии мрежи и експозитури се веќе нашироко распространети од страна на глобалистите и, секако, добро финансирани од одредени фигури од крупниот бизнис кои најчесто се претставуваат како романтични хуманитарни дејци, чија главна цел е подобрувањето на социјалните бенефиции во одредени делови од општествената заедница и, секако, поспешувањето на човековите права и слободи. Обично сите овие интернационално промовирани личности, спонзори и донатори, всушност, се агенти од влијание на тајните служби на глобалистите. Нивната задача е да ги финансираат субверзивните групации што работат на уривањето на владите на државите кои се на листата на глобалистите како непријателски, низ структурите и мрежите на НВО сектор, кој служи како параван за нивните конспиративни дејства во однос на режимот.

Огромен дел од овие енергии на деструкција, саботажа и негативна пропаганда се одвива преку социјалните мрежи, но, сепак, круцијалниот момент лежи во корупцијата на клучните личности кои раководат со одредени фондации и невладини организации. Како хиерархијата оди надолу така корупцијата и финансиските средства се супституираат со наивен револуционерен ентузијазам, кој знае да оди и до идеолошки фанатизам.

И така во име на слободата, демократијата и човековите права се случува иницијација на одредени незадоволства, бунтови и, како краен стадиум, револуции кои имаат цел да воспостават состојба на хаос и уривање на постојната владејачка гарнитура. Ако треба, на овие процеси може да им асистираат и одредени терористички акции, организирани преку тајните служби на глобалистите. А, потоа, кога поредокот е уништен, глобалистите создаваат нова влада која ќе функционира во зависност од нивната волја и проекции.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top