Веќе неколку седмици се води дебатата за објавувањето на досието на Славко Јаневски, а јас, и покрај упорните барање на новинарите, одлучив овој пат да не се вклучувам во дебатата. Што повеќе, впрочем, јас би можел да додадам на темата за Славко Јаневски по извонредните текстови на Алек Русјаков и на Тихомир Јанчоски. Двајца млади (и читани) македонски книжевници што се осмелија да му се спротивстават на медиумскиот галоп на добро етаблираните македонски културни големини. Нормално, од другата страна и двајцата наидоа на молк затоа што во Македонија успехот никогаш не се простува, односно во случајот на овие двајца читаноста и влијанието не може да им го простат.
Меѓутоа, капката што ми ја прелеа чашата и што ме принуди да реагирам е токму твоето обраќање, Божине. Кого тргна да браниш, црни Божине?
Прво, мртов ладен тврдиш дека Никола Груевски бил помоќен од Лазар Колишевски. Јас ќе ти кажам дека во целата историја на македонскиот народ не постоел моќник што бил помоќен од Лазар Колишевски. На рацете на овој човек е крвта на сите жртви на комунистичкиот режим, на рацете на Колишевски е крвта на сите стрелани граѓани на Македонија по Втората светска војна без суд и пресуди, на неговата совест е прогонот на сите што се залагале за независна Македонија, сите што се залагале за граѓанска Македонија, на негови плеќи е и прогонот на Турците од Македонија, пресметката со Албанци што мислеле поинаку од утврдениот канон, а на крајот тој дури успеа и да им пресуди на подобрите и попаметните од него во сопствените комунистички редови. Токму тоа е проблемот, Божине, што дури и ти забораваш дека рацете на овој човек се крвави до рамената и дека ниту еден македонски владетел не носи на душа повеќе Македонци од овој човек, повеќе уништени семејства и уништени судбини. Не дај боже повторно да има во Македонија толку моќен човек како Лазар Колишевски.
Второ, гледам дека и ти си му се придружил на хорот на оние што тврдат дека отворањето на досието на Славко Јаневски е „удар на македонскиот идентитет“. Напротив, токму фактот што Македонија е доволно силна да влезе во демитологизација на самонаречените и самопрогласени величини кажува дека македонскиот идентитет никогаш не бил посилен и постабилен. Зарем е можно и ти да веруваш дека сега кога имаме сопствена држава и сопствени институции сме послаби отколку во која било друга точка во историјата? Младите македонски книжевници покажаа доволно храброст и смелост да срушат еден одамна напукнат мит. Каде се залетавте вие, Божине, со ставовите дека гнасотилаците треба да си ги криеме под тепихот? И ти си живеел во тој режим и ти многу добро знаеш која и каква била моќта на комунистичките сатрапи, особено на оние во сферата на културата. Сега гледаш дека има и некои поинакви Македонци што не ги купуваат евтините приказни и кои немаат никаков национален комплекс.
Обвинуваш дури и за некои врховизми, демек, со лустрацијата на Славко Јаневски сме ѝ помагале на бугарската кауза. Меѓутоа, Божине, Бугарија излустрира половина академија, повеќе од половина писатели и безмалку целиот синод, па влакно не им фали ниту на нивната култура, а уште помалку на нивниот идентитет. Така што не гледам и не ми е јасно каде и што тука губат македонската култура и македонскиот идентитет. Можеби мислиш дека поради неговото комунистичко минато некој ќе го забранува или ќе го исфрла Славко Јаневски од македонската книжевност? Не, тој си е таму и таму ќе си остане, а за тоа кои ќе бидат неговото место и улога збор ќе си кажат публиката и книжевната критика, во согласност со неговата уметничка, а не политичка вредност.
Трето, не знам зошто токму ти се придружи кон овој хор на касандри? За најголемиот дел од нив ми е и повеќе од јасно. Македонскиот комунизам создаде систем на вредности каде што големината на делото на научникот и на уметникот не се мереше според неговата објективна научна и културна тежина, туку со нејзината/неговата вмреженост во високите ешалони на комунистичката власт и со нејзината/неговата слепа верба во каноните на единствената партија. Овој систем потоа си го презедоа и си го продолжија и Киро Глигоров и Бранко Црвенковски. Но, како што гледаш, сега Македонија се отвора кон светот и на виделина излегува сета морална и интелектуална бедотија на етаблираните македонски културни и научни работници, излегува на виделина дека тие не постојат за европската и за глобалната наука и култура. Оние што вредеа, токму овие етаблираниве ги истуркаа на маргините на македонското општество. Како поинаку медиокритетите може да ги поднесат сопствената просечност и мизерност, освен да ги прогонат и да ги затворат џиновите во најтемните и во најдалечните зандани. Впрочем, каде ти ги помина, Божине, својот животен и работен век сите овие години и зошто?
Реакцијата на МАНУ, пак, е посебна тема. Лесно му е многу на МАНУ да му пишува и да му се бунтува на Никола Груевски. Каде беше МАНУ кога токму партиските културни работници тргнаа свирепо да го гонат Венко Марковски? Токму еден од џиновите помеѓу нив го протераа и името му го избришаа од македонската историја и книжевност. Можеш ли да ми посочиш каде е писмото на тогашната МАНУ пишувано кон Лазар Колишевски и Јосип Броз-Тито? Каде е, пак, писмото на МАНУ кон Лазар Колишевски кога комунистите одлучија да му судат на Јонче Котевски? Поет одлежа затворска казна затоа што на македонските комунистички фараони им била потребна нова жртва за да им го благослови и продолжи владеењето. Меѓутоа, МАНУ избрза да се стави во одбрана на Славко Јаневски без воопшто да прочита два реда од неговото досие. Извини, Божине, но дури и во црковните храмови се повикува на разум наместо на слепа верба, а јас не верувам во „храброста“ на оние што премолчеа за државниот терор насочен против Венко Марковски, Јонче Котевски и цело море безимени жртви на еден суров режим.
Велиш, зошто жртвите и семејствата на жртвите на лустрираните не се јавиле? Како да се јават, бре, Божине, жртвите и нивните семејства кога нивните судбини и нивната благосостојба како со меч биле пресечени од џелатите на режимот. Како да се јават семејствата на жртвите кога стигмата за гревовите на нивните предци до ден-денес им ја тријат од глава. Жртвите се навикнале да молчат и сенишно да живеат затоа што сѐ уште се живи и здрави многумина од оние што им ги уништија животот и семејствата, а нивните наследници и денес бесно се размавтуваат со прстите и повикуваат на нови одмазди и нови прогони.
Меѓутоа, за мене нема послатка музика од нивниот бес. Колку повеќе нивната моќ ќе бледнее, колку повеќе ќе стануваат очигледни нивната просечност и медиокритетштина, толку погласни и позапенавени ќе бидат и тие и нивните наследници. Особено гласни, пак, ќе бидат во вакви моменти кога на виделина ќе излегува нивната салиериевштина, односно кога ќе стане јасно зошто сите македонски моцарти живееја на маргините или ги прогонивме во некоја недојдија зад седум мориња, планини и океани.
Затоа, грешиш, Божине, многу грешиш…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.