| четврток, 6 декември 2018 |

Лустрација: Јаневски е соработник – МАНУ: Нема да се девалвира делото на писателот

Komisija za lustracija

Комисијата за верификација на фактите на вонредна седница донесе заклучок дека одлуката за писателот и академик Славко Јаневски како соработник на службите е исправна.

Седницата беше закажана од страна на претседателот Томе Аџиев по бурните реакции во јавноста, посебно од академската фела. На оваа одлука, повторно единствено реагираше членот на Комисијата Чедомир Дамјановски, кој кажа дека лустрацијата на Славко Јаневски е намерно кинење на македонското ткиво со оглед дека не постојат никакви аргументи.

– Нема никакви документи. Тој зборувал кој е лош писател за колеги, кои не знаеле да пишуваат, а тоа нема врска со идеологија. Нема никакви документи, освен тоа дека давал свој суд за одредени книжевни дела – вели Дамјановски.

Лустрацијата на писателот Славко Јаневски и авторот на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ предизвика остри реакции во јавноста. И академик Катица Ќулавкова, на својот профил на „Фејсбук“ упати порака до лустраторите дека нема да можат да го девалвираат делото на познатиот писател.

„Ќе остане ли некој македонски творец да не е извалкан свесно и злонамаерно? А, на државни функции се поставени скорешни команданти на терористички организации и никому ништо. Не постои лустрација која може да го девалвира книжевното дело на Славко Јаневски. Престанете да ги деградирате луѓето кои го развиваа македонскиот јазик, духовност и култура“, пишува Ќулавкова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top